Неколку аспекти на заедничката нишка на општиот криминалитет, разузнавачките служби и терористичките закани во регионов
- Успешно реализираниот случај во врска со откривањето организирана повеќеслојна криминална мрежа во Македонија, со намера да се
извршат акти на политичко насилство во соседството, повторно ја отвори темата за безбедносната привлечност на Балканот за работење на структури каде што организираниот криминал, геополитичките судири и странските разузнавачки интереси може да се испреплетат
Балканот никогаш не бил само транзитна зона за криминални активности. А во услови на зголемени меѓународни тензии, регионот дури е и медиум за зголемени активности на планирање, подготовка, посредништво, па и реализација на различни безбедносни и криминални операции на странски актери, поврзани и со домашни структури и поединци.
Причините се повеќеслојни, како што се егзистирање на веќе постојни криминални мрежи, постоење на коруптивни канали, послаба институционална контрола во одредени сегменти и можност за регрутирање лица по различни основи иако немаат непосредна идеолошка врска со нарачателите на одредени операции.
Важноста на соработката на безбедносните служби
Иран не е единствената држава за која постојат одредени индиции за користење посредници надвор од своите граници, што е предмет на истражувања на домашните безбедносно-контраразузнавачки служби во регионот. Но случајот во Македонија покажува колку е важно безбедносните институции да ги следат врските меѓу организираниот криминал и странските центри на влијание. За потсетување, петмина осомничени во актуелниот случај се приведени или лишени од слобода, додека по шестиот се трага, според објавените информации. Тоа е резултат на координација меѓу две различни безбедносни служби, од две држави во регионот. Конкретно, во случајот беше објавено дека соработувале македонските и грчките безбедносни служби.
Долгорочноста на предизвиците од оваа област
Но вистинскиот предизвик е долгорочен. Една разбиена мрежа не значи дека е отстранет целиот систем на посреднички контакти, финансиски врски и потенцијални регрутери.
Од оваа успешна операција се препознава потребата од перманентна и сигурна регионална размена на разузнавачки информации, контрола на незаконските финансиски текови, ефикасна борба против организираниот криминал и систематско следење на насилните екстремистички структури. Истовремено, институциите мора да избегнат политичка злоупотреба на безбедносните теми и стигматизација на верските заедници.
Македонија, како членка на НАТО и држава што се стреми кон европска интеграција, ја докажува својата обврска да биде активен дел од регионалниот безбедносен систем.
Прашањето не е дали земјата треба да се плаши од секоја странска организација или верска заедница. Прашањето е дали институциите имаат доволно капацитет да ги откријат и пресечат мрежите што навистина подготвуваат насилство.
Што открива последниот откриен и спречен случај на подготовка на акти на политичко насилство?
Безбедносните предизвици поврзани со радикалниот исламизам во Европа со години се предмет на анализа. Но новите случаи покажуваат дека заканите не можат да се сведат само на класичниот модел на џихадистички организации и нивните регрутирани следбеници. Иранскиот модел на регионално влијание претставува поинаков безбедносен феномен. Тој вклучува политичко-идеолошки влијанија, државни и недржавни посредници и, според повеќе меѓународни безбедносни истраги, користење криминални структури за активности надвор од територијата на Иран.
– Прво, неопходно е да се прави разлика меѓу исламската религија, политичкиот исламизам, насилниот верски екстремизам и државно организираните операции. Нивното изедначување не само што е неточно туку може да ја отежне и самата безбедносна работа.
Опасноста се јавува кога идеолошките убедувања се претвораат во оправдување за насилство, кога странски центри на моќ воспоставуваат влијание врз локални структури и кога криминалните мрежи стануваат инструмент за политички или разузнавачки цели.
Второ, посебно внимание заслужува и визуелната пропаганда: амблемите, логотипите, знамињата и другите симболички обележја што ги користат радикалните и милитантните организации. Тие можат да бидат средство за создавање колективен идентитет, демонстрација на припадност и ширење идеолошки пораки. Еден симбол сам по себе не докажува дека некое лице е член на терористичка организација. Неговото значење мора да се утврдува преку контекстот, потеклото и проверливите врски.
Трето, за Македонија, предизвикот е да се препознаат и спречат сите форми на насилен екстремизам, без оглед дали се мотивирани од верска идеологија, политички фанатизам или странски државни интереси. Затоа, борбата против тероризмот мора да се унапредува за да биде поефикасна и ефективно насочена кон конкретните мрежи, инспираторите, организаторите, финансиерите и извршителите, а не кон цели верски или етнички заедници – анализира нашиот соговорник, експерт по безбедност и професор на Факултетот за безбедност во Скопје. П.Р.
И Македонија е на радарот на безбедносни прокси-структури
- Нашиот соговорник, универзитетски професор на Факултетот за безбедност, ја истакнува успешноста на операцијата на нашата служба и
пораката од таа акција, која има и репресивен, но и превентивен карактер – како порака до идните потенцијални извршители дека
правовремено ќе бидат откриени, потенцирајќи дека нивото на подготвеност на нашите служби е високо
Случајот што го објавија Агенцијата за национална безбедност и Министерството за внатрешни работи не беше само уште една успешна полициска акција против криминална група. Таа беше организирана на многу повисоко ниво, а и со тоа многу посложена операција на спротивставување на криминал од позиции на политички екстремизам. Според АНБ, истрагата се водела во соработка со грчките и други партнерски служби, а осомничените преземале подготвителни логистички активности за напад на територии на трети држави. Според официјалните информации, зад мрежата стојат контакти со ирански државјанин, идентификуван како поврзан со иранските безбедносно-разузнавачки структури, кој регрутирал посредници во Македонија за подготовка на атентат.
– За јавноста особено беше интересен повеќеслојниот модел на дејствување при планирањето егзекуција на актот на политичкиот екстремизам. Имено, во него биле вклучени разузнавачка служба, регрутиран странски соработник на странската служба, како и локални криминални структури како посредници за активности што на сето тоа даваат длабока меѓународна безбедносна димензија. Тоа е модел во кој извршителите не мора да бидат идеолошки радикализирани, ниту формално да припаѓаат на некоја терористичка организација. Доволни можат да бидат криминалните контакти, финансиската мотивација и врската со странски организатор. Затоа, би ја истакнал успешноста на операцијата на нашата служба и пораката од таа акција, која има и репресивен, но и превентивен карактер, имено дека нивото на подготвеност на нашите служби е високо. Македонија се наоѓа на крстопат на различни безбедносни интереси, а мултиетницизмот и мултиконфесионалноста на општеството ја прават нашата територија многу погодна за користење од странски разузнавачки структури, и тоа на долгорочен план. Да не се разбереме погрешно и да не се крева нивото на стрес кај граѓаните, не станува збор за докажано присуство на масовна терористичка инфраструктура, туку за сериозен сигнал дека нашата територија станува дел од пошироки меѓународни екстремистички операции, но дека ние самостојно како безбедносен систем, но и како дел од еден востановен безбедносен систем на кој Македонија припаѓа, успешно се спротивставуваме на политичко насилство и екстремизам со меѓународни димензии – анализира нашиот соговорник, универзитетски професор од областа на безбедноста. П.Р.


































