Софиските антимакедонски барања на ЕУ го суспендираат меѓународното право, затоа Македонија не смее да ги прифати!

За поздравување се напорите на Франција за техничка помош и поддршка на Македонија во реформите на државната и јавна администрација заради подобрување на квалитетот на животот и правата и слободите на македонските граѓани.
Македонците го почитува принципот на солидарност меѓу членките на Европската Унија, но ја отфрлаат солидарноста во Европската Унија што ги суспендира меѓународното право и неговиот основен принцип на суверена еднаквост.
Затоа, неприфатливо беше интервјуто на францускиот амбасадор во Македонија, Кристоф ле Риголер, за Радио слободна Европа од 29 март 2026 година, во делот што го декларира бугарското барање за промена на идентитетот на македонскиот народ како носител на државноста на Македонија како барање на Европската Унија, односно впишувањето Бугари во македонскиот Устав го смета за услов за одржување на првата Меѓувладина конференција ЕУ-Македонија, за усвојување на француската преговарачка рамка и за почеток на преговорите за членство на Македонија во Европската Унија!
Впрочем, барањето на Софија за впишување на Бугарите во македонскиот Устав со поддршка од Европската Унија претставува грубо мешање на Бугарија во внатрешните работи на државата Македонија, во спротивност со меѓународното право, дури и со Договорот за Европската Унија!
Затоа и произлегува барањето за итно и безусловно еднострано раскинување на договорот Заев-Борисов од 1 август 2017 година, протоколот Османи-Генчовска од 17 јули 2022 година и на спогодбата Димитров-Коѕијас од 17 јуни 2018 година, како и продолжување на членството во Обединетите нации под единственото државно, историско и генеричко име, кое се состои само од еден единствен збор – Македонија!
Да се потсетиме на неколку одредби од Договорот за Европската Унија, потпишан на 13 декември 2007 година во Лисабон, влезен во сила на 1 декември 2009 година, кои за Македонија не важат, а важат само за членките на ЕУ – за цел свет важат лагите и дискриминацијата: (1) став 6 од преамбулата „за почитување на историјата, културата и традициите на народите на Европската Унија“; (2) членот 2 за „почитување на човековото достоинство, слободата, демократијата, еднаквоста, владеењето на правото и почитувањето на човековите права, вклучително и правата на лицата што им припаѓаат на малцинствата“, „плурализмот, недискриминацијата, толеранцијата, правдата, солидарноста и еднаквоста меѓу мажите и жените“ како темелни вредности на Унијата; (3) членот 4 став 2 за „еднаквоста на земјите членки и почитувањето на нивните национални идентитети“; (4) членот 18 со кој „се забранува каква било дискриминација врз основа на националноста“; (5) членот 21 за „основните начела на Унијата: демократијата, владеењето на правото, универзалноста и неделивоста на човековите права и основните слободи, почитувањето на човековото достоинство, начелата на еднаквоста и солидарноста, и почитувањето на начелата од Повелбата на Обединетите нации и меѓународното право“.
Се разбира, барањето за впишување на Бугарите во преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот на државата Македонија е „европски консензус“, но само поради солидарноста на Брисел со барањата на Софија, која го злоупотреби правото на вето – билатералното прашање, кое во основа е фашистичко и геноцидно, да го наметне како мултилатерално европско барање кон Македонија!

Зарем уцените и притисоците за промена на Уставот на државата се демократија?
За потсетување: европскиот „консензус“ за впишување на Бугари како државотворен народ во македонскиот Устав е постигнат на следниот начин.
На 23 јуни 2022 година, на бриселскиот самит ЕУ-Западен Балкан, францускиот претседател Емануел Макрон, како претседател со Советот на Европската Унија, предложи преговарачка рамка за пристапните преговори на Македонија со ЕУ и притоа беше многу јасен во својата изјава: „Блиску сме до договор што овозможува правда за бугарските барања!“ Не ја ни спомна Македонија, затоа што Бугарија е членка на ЕУ, а Македонија не е.
На 24 јуни 2022 година, народното собрание на Бугарија донесе декларација со дополнителни четири услови на француската предлог-преговарачка рамка: (1) ефикасно имплементирање на договорот Заев-Борисов; (2) впишување на Бугарите во Уставот како државотворен народ; (3) дека ништо во пристапниот процес на Македонија нема да биде протолкувано како признавање на македонскиот јазик од страна на Бугарија; и (4) европски гаранции дека бугарските услови ќе биде исполнети!
На 30 јуни 2022 година, на самитот на НАТО во Мадрид, претседателот на Франција, Емануел Макрон, објави модифицирана француска преговарачка рамка за членство на Македонија во Европската Унија, со бугарските дополнителни барања, која е уште полоша од првобитната верзија објавена во Брисел на 23 јуни 2022 година.
На 16 јули 2022 година, на 81-та седница, Собранието на Македонија со 68 гласа „за“ усвои заклучоци за прифаќање на француската преговарачка рамка.
На 17 јули 2022 година, во Софија, министрите за надворешни работи на Македонија и на Бугарија, Бујар Османи и Теодора Генчовска, склучија протокол како анекс за имплементирање на договорот Заев-Борисов од 1 август 2017 година, кој ги содржи сите идентитетски, образовни и историски прашања, со кои Македонија од држава треба да стане територија без македонски народ и историја чиј администратор, покрај Атина, ќе биде и Софија!
На 19 јули 2022 година, атипично и во нестандардна процедура, се одржа политички меѓувладин состанок ЕУ-Македонија, на кој беше поздравено потпишувањето на протоколот Османи-Генчовска од 17 јули 2022 година и беше препорачано како услов за одржување на Првата меѓувладина конференција ЕУ-Македонија, Македонија да ги впише Бугарите во Уставот според барањата на Софија!
Француската преговарачка рамка за членство на Македонија во Европската Унија од 23 јуни 2022 година веќе ги содржи сите барања на Бугарија од: (1) „Рамковната позиција за почеток на преговорите на Македонија и Албанија со Европската Унија“ усвоена од бугарската влада на 9 октомври 2019 година, а потврдена со декларација на народното собрание на Бугарија на 10 октомври 2019 година; (2) таканаречениот објаснувачки меморандум на Софија до земјите членки на Европската Унија од 16 септември 2020 година; и (3) декларацијата на народното собрание на Бугарија од 24 јуни 2022 година со дополнителните четири услови.
Софија, пак, со својата собраниска декларација од 10 октомври 2019 година од Македонија бара: (1) да ги признае бугарските корени на македонскиот јазик и историја; (2) да изјави дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот јазик; (3) да се откаже од Македонците во Бугарија; (4) да ги измени учебниците по историја, географија и литература според барањето на Софија; (5) да се откаже од бугарската фашистичка окупација во Втората светска војна; и (6) да ги избрише од сите споменици зборовите „фашистички окупатор“.

И покрај сѐ и по сѐ, притоа знаејќи дека империјата Македонија не може да се супституира во Република Македонија; дека сите нации држави денес на Балканот биле делови на исти империи на овие простори и поради тоа биле носители на исто или слично културно-историско наследство, па невозможна мисија е да се одговори на прашањето што е постаро: јајцето или кокошката – ние, Македонците, макар и еднострано, велиме: „Културата и историјата на Македонија не се ексклузивно право, туку дел од културно-историскиот идентитет на сите балкански демоси како современи политички нации, во чија основа е македонскиот етнос, независно од разликите во читањето на историјата од аспект на актуелната геополитика, па дури и независно од разликите меѓу современите литературни јазици како производ на современите политички нации!“
Впрочем, големината на една цивилизација е во универзалноста на нејзините вредности, а универзални вредности на македонската цивилизација, на која сите ние заедно ѝ припаѓаме, се: мирот и љубовта, наспроти војната и омразата; толеранцијата и коегзистенцијата, наспроти дискриминацијата и сегрегацијата; и културниот глобализам, што подразбира интеграција со афирмација на помесните етноси, јазици, религии и култури, наспроти корпоративниот глобализам, кој, поаѓајќи од профитните интереси на мултинационалните корпорации, врши интеграција со асимилација на помесните етноси, јазици, религии и култури сѐ до нивна физичка ликвидација од Земјината топка.

Тодор Петров