Македонската филхармонија вечерва, со почеток во 20 часот, ќе го одржи својот роденденски концерт, со кој ќе одбележи 82 години од формирањето. Концертот е насловен „Заратустра“, а како солистка ќе настапи британската трубачка Матилда Лојд. Диригент е маестро Конрад ван Алфен, а на програмата се Концерт за труба и оркестар во Ас-дур од Александар Арутјуњан и тонската поема „Така зборуваше Заратустра“, оп. 30.
Во 2026 година Матилда Лојд стана првата трубачка што ја добила наградата за млад уметник на Кралското филхармониско друштво. Признанието ѝ беше доделено за нејзината блескава музикалност, позитивната енергија што ја зрачи во сè што работи, како и за нејзината посветеност да ги инспирира младите да се занимаваат со музика. Со своето впечатливо присуство на современата класична музичка сцена, таа ја освојува публиката со беспрекорниот тон и виртуозното владеење со трубата, а истовремено придонесува и во создавањето на новите генерации класични музичари преку својата педагошка дејност како професорка по труба во Лондон. Сезоната 2026/2027 за Матилда го носи нејзиниот деби-настап во Канада, каде што ќе го изведе Концертот за труба од Џон Вилијамс со оркестарот „Метрополитен“ и диригентката Стефани Чајлдрес во Монтреал.
Конрад ван Алфен е инспиративен диригент, кој прави нештата да се случуваат, напиша критиката за холандскиот маестро. Етаблираниот холандски/ јужноафрикански диригент Конрад ван Алфен се стекнал со својата популарност и кај оркестрите и кај публиката благодарение на посебниот начин на кој тој ги води пробите и изведбите. Маестро Ван Алфен е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во изминатите 16 години го издигнал својот оркестар на ниво на интернационално признаен оркестар и домаќин на концертни серии во Ротердам, Хаг и Амстердам. Скорашните интернационални турнеи на оркестарот ги вклучуваат: Русија, Мексико, Бразил, Колумбија и Чиле. Од 2005 до 2009 година Конрад ван Алфен бил на позицијата шеф-диригент на Државниот симфониски оркестар „Сафонов“ во Русија, каде што добил награда за својот придонес во културата во Јужна Русија. Во моментот е уметнички директор на Московското филхармониско здружение, во чии рамки редовно диригира со оркестрите од Москва во познатата сала „Чајковски“.
































