Белградската публика на популарниот „Фестивал на авторски филм“ со овации ја поздрави европската премиера на најновиот филм на Милчо Манчевски, „Сестра, брат и шахта“. Публиката дишеше со филмот, гласно реагираше на комичните и емотивните сцени, а на крајот ги поздрави Манчевски, актерите Филип Трајковиќ, Соња Михајлова, Ана Костовска и Марин Гавриловски, продуцентот Јане Ќортошев, копродуцентот Милан Стојановиќ, како и филмските работници од Србија што учествуваа во снимањето на филмот во Македонија. По премиерата, Манчевски и екипата одговараа на прашања пред емотивната публика, а претходно имаа и долга прес-конференција, како и десетина интервјуа за српските медиуми.
Во Торино, пак, долгометражниот документарен филм „Добри луѓе“, кој Манчевски го сними за трагедијата во Кочани, ја има италијанската премиера. Филмот се прикажува во официјалната програма надвор од конкуренција, а директорот на фестивалот Џулио Базе го нарече „најемотивен филм на годинашното издание на фестивалот“. Филмскиот фестивал во Торино важи за втор најважен фестивал во Италија, по Венецискиот. „Добри луѓе“ е финансиран приватно од Манчевски и сите приходи одат за настраданите во Кочани.