Фото: Министерство за правда

Министерот за правда Јетон Шасивари денеска одржа работна средба со известувачите на Венецијанската комисија, во рамки на постапката за добивање мислење за предложениот модел за организирање и полагање на правосудниот испит.

На средбата присуствувале претседателот и членовите на Комисијата за полагање на правосудниот испит, кои го презентирале и практично го демонстрирале начинот на организација и спроведување на испитот. Со тоа, претставниците на Венецијанската комисија имале можност непосредно да се запознаат со предвидените процедури и практичната примена на предложениот модел.

Од Министерството за правда информираат дека Шасивари ја образложил уставната и законската основа на иницијативата, правните аргументи за предложеното решение, како и консултативниот процес во кој биле вклучени претставници на правните факултети, декани и студентски организации.

Основната цел на предложениот модел, според министерот, е да се обезбеди еднаков пристап до правосудниот испит за сите кандидати, без притоа да се нарушат професионалните критериуми, квалитетот и интегритетот на испитот.

Шасивари нагласил дека барањето мислење од Венецијанската комисија е насочено кон добивање независна и стручна правна оценка, со цел да се дојде до решение кое ќе биде уставно, правно одржливо и усогласено со европските стандарди.

Од Министерството посочуваат дека се отворени за препораките и предлозите на Комисијата, оценувајќи дека институционалниот дијалог и стручната правна анализа се клучни за изнаоѓање одржливо решение.

– За нас ова не е прашање на политички натпревар, туку прашање на еднаквост пред законот, еднакви можности и доследно почитување на професионалните стандарди – се наведува во соопштението од Министерството за правда.

Оттаму додаваат дека целта е правата и принципите да се преточат во конкретни, применливи и правно одржливи решенија.