До македонското Собрание сè уште не е доставен предлог-закон за полагање на правосудниот испит, поради што не може да стане збор за негово повлекување. Материјалот што Владата го доставила до Венецијанската комисија е во форма на закон и има за цел да обезбеди мислење од оваа институција пред да се донесе одлука за следните чекори. Ова го истакна премиерот Христијан Мицкоски од собраниската говорница, одговарајќи на пратеничко прашање од Скендер Реџепи.
Мицкоски нагласи дека Владата ќе го почека мислењето на Венецијанската комисија, по што ќе одлучи дали и во каква форма предлогот ќе биде доставен до Собранието. Според него, мислењето треба да се почитува, особено имајќи предвид дека станува збор за прашање поврзано со преговарачкиот процес за членство во Европската Унија.
Премиерот посочи дека доколку мислењето биде негативно, ќе треба да се разгледаат следните чекори, додека позитивното мислење, како што рече, ќе треба да биде прифатено од сите политички чинители, вклучително и од пратениците.
Тој изрази жалење што во изминатите повеќе од 20 години, и покрај промените на владите и министрите за правда од различна политичка и етничка припадност, не било најдено решение за ова прашање.
Мицкоски додаде дека процесот досега се одвивал транспарентно и дека Владата, заедно со Министерството за правда, ќе почека на ставот на Венецијанската комисија пред да го преземе следниот чекор.
Осврнувајќи се на честитките за новиот градоначалник на Брвеница, премиерот му честиташе на избраниот кандидат, но побара од пратеникот Реџепи да појасни дали се идентификува со коалицијата од која доаѓа градоначалникот.
Мицкоски оцени дека Реџепи треба да биде доследен во своето политичко позиционирање, алудирајќи на, како што рече, различното идентификување со политичката коалиција во зависност од околностите.
Во таа насока, премиерот порача дека политиката ја гледа како маратон, а не како трка на 100 метри. Коментирајќи го изборниот исход во Брвеница, тој рече дека овојпат победиле „авионите“, но дека политичките околности во иднина можат да се променат.
– Јас ова го сметам како уметност, а не како игра на брзи прсти и во таа уметност има многу, многу стратегија. Таа стратегија се прави со ум, не со сила на авиони – рече Мицкоски, најавувајќи дека политичките ривали повторно ќе се сретнат во иднина.
































