Фото: КИЦ Белград

Со концерт на младиот гитарист Коста Давчевски во галеријата „Павилјон во Тврдината“ заврши програмата за претставување талентирани млади музички уметници во Ниш, организирана од Македонскиот културно-информативен центар во Белград.

Давчевски го одржа својот прв самостоен концерт пред исполнет галериски простор, а публиката го награди со долги аплаузи и го повика на бис. Младиот гитарист, кој по таткова линија има македонско потекло, важи за еден од најнаградуваните млади гитаристи во Србија.

На програмата беа познати дела за гитара од светската музичка литература, две композиции од српски автори, како и обработка на македонската традиционална песна „Јовано, Јованке“.

Фото: КИЦ Белград

Во рамките на музичкото претставување во Ниш, Македонскиот КИЦ претходно организираше и концерт на виолинистката Вероника Мона Богиќ и пијанистот Никола Лекиќ во големата сала на Факултетот за уметности.

Програмата беше насловена „Извори“, според истоимената композиција на Лекиќ, напишана специјално за Деновите на македонската култура, одржани во мај годинава. На концертот беа изведени и дела од македонските композитори Томислав Зографски и Давор Јовановски.

Богиќ и Лекиќ, кои по мајчина линија имаат македонско потекло, исто така беа поздравени со долги аплаузи од нишката публика.

За време на програмата, претставниците на Македонскиот КИЦ во Белград воспоставиле контакти и со неколку млади музички уметници од Македонија кои студираат во Ниш, со намера во иднина да бидат реализирани нови заеднички проекти.

Со концертите во Ниш, поддржани од Министерството за култура и туризам, КИЦ Белград го реализира четвртиот културен настан годинава надвор од српската престолнина. Претходно, во Нови Сад беа организирани фотографска изложба на Александра Костадиновска и концерт на триото „Нова“.

Фото: КИЦ Белград

Од КИЦ Белград посочуваат дека настаните во Ниш и во Нови Сад привлекле голем интерес и кај македонската заедница и кај пошироката културна јавност во двата града. Проектите ги иницирал и организирал директорот на Македонскиот КИЦ во Белград, Васко Шутаров.