Во наредните две години државата ќе треба да обезбеди околу пет милијарди евра за отплата на стари долгови и камати, финансирање на буџетскиот дефицит и реализација на капиталните инвестиции. Ова денеска го истакна премиерот Христијан Мицкоски, посочувајќи дека тоа ќе биде еден од главните финансиски предизвици во претстојниот период.
Одговарајќи на прашање од пратеничката Велика Стојкова-Серафимовска од ВМРО-ДПМНЕ за буџетските предизвици во наредната година, Мицкоски рече дека буџетскиот дефицит е планиран да се движи во рамките на 3,5 проценти од бруто-домашниот производ (БДП).
Според него, тоа е ниво што треба да се разгледува во контекст на состојбите во другите европски економии. Како примери ги посочи Франција и Италија, каде што дефицитите, според неговите зборови, надминуваат пет, односно шест проценти од БДП.
Мицкоски посочи дека Франција треба да обезбеди околу 350 милијарди евра, а Италија околу 250 милијарди евра, нагласувајќи дека планираните расходи мора да бидат покриени со реални финансиски средства.
– На хартија можете да напишете проекти и математика и да ставите знак на равенство на крај, но тоа треба да го покриете со пари. Треба да излезете на меѓународниот финансиски пазар и да барате пари – рече премиерот.
Тој изрази уверување дека Владата, во соработка со Министерството за финансии, ќе успее да ги обезбеди потребните средства. Паралелно, како што посочи, ќе треба да се одржува ликвидноста за тековните проекти преку Јавното претпријатие за државни патишта и АД ЕСМ, со цел да се избегнат ценовни шокови кај електричната енергија за граѓаните.
Мицкоски нагласи дека во буџетот се предвидени и средства за зголемување на платите согласно колективните договори што Владата ги потпишала со институциите на почетокот од мандатот, како и за раст на пензиите и социјалните трансфери.
Говорејќи за економските показатели, премиерот рече дека реалниот раст на БДП изнесувал 3,8 проценти во 2024 и во 2025 година, додека во вториот квартал од 2026 година достигнал 4,3 проценти. Тој додаде дека номиналниот раст во 2024 година бил над осум проценти, а во 2025 година над седум проценти. За 2026 година, според неговите очекувања, номиналниот раст повторно би можел да надмине осум проценти.
Осврнувајќи се на животниот стандард, Мицкоски посочи дека реалната нето-плата во септември 2026 година пораснала за 5,2 проценти. За споредба, во истиот месец во 2022 година, според податоците што ги презентираше, бил забележан пад од пет проценти.
Премиерот направи споредба и на просечните плати и пензии. Според изнесените податоци, просечната плата во мај 2024 година изнесувала 41.252 денари, а во септември 2026 година достигнала 49.141 денар, што претставува раст од околу 20 проценти. Во истиот период, како што наведе, синдикалната кошница пораснала за 16 проценти.
Просечната пензија, според податоците што ги презентираше, од 21.209 денари во мај 2024 година се зголемила на 28.935 денари во септември 2026 година, односно за 36,5 проценти.
Мицкоски ги спореди и стапките на инфлација во регионот. Според бројките што ги наведе за септември, инфлацијата во Македонија изнесувала 2,7 проценти, во Албанија 2,9, во Словенија 3,3, во Србија 4,1, во Хрватска 4,7, во Црна Гора 4,9, во Грција 5,1, во Бугарија 5,6, а во Косово 7,8 проценти. За Турција посочи стапка од речиси 30 проценти.
За споредба, тој се осврна и на инфлацијата во септември 2022 година, кога во Македонија изнесувала 18,7 проценти, во Албанија 8,1, во Словенија 10,6, во Грција 12,1, а во Турција 83,45 проценти.
Премиерот оцени дека растот на економијата и на платите не може веднаш целосно да се почувствува во паричникот на граѓаните, но посочи дека податоците за реалните плати, пензиите и инфлацијата, според него, укажуваат на подобрување во споредба со претходниот период.
































