Министерството за економија и труд ќе преземе мерки доколку Државниот пазарен инспекторат утврди зголемување на бруто-профитните маржи над дозволеното, најави денеска министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, одговарајќи на новинарско прашање за движењето на цените, особено во пресрет на претстојните празници.
Дурмиши посочи дека доколку инспекциските контроли покажат зголемување на бруто-профитните маржи над 10 или 15 проценти, Министерството ќе постапи согласно административните процедури и законските надлежности, како што тоа го правело и во претходниот период.
Според министерот, во моментов профитните маржи се стабилни, и покрај растот на одредени цени. Тој објасни дека една од причините е високата зависност од увоз, со оглед на тоа што околу 70 проценти од производите се набавуваат од странство, каде што се формираат набавните цени.
– Ние не можеме да влијаеме врз цените што ги одредуваат други држави. Нашата надлежност е да ги контролираме бруто-профитните маржи низ целиот синџир, од производителот, преку дистрибутерот, до трговецот. Доколку Пазарниот инспекторат утврди дека маржите се зголемени, особено во овој период кога претстојат празници, нормално е дека ќе реагираме, како што реагиравме и во минатото – изјави Дурмиши.
Тој додаде дека засега нема позначителни промени кај маржите и оцени дека Северна Македонија има најниска инфлација во регионот.
Пазарниот инспекторат со редовни контроли во маркетите
Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојкоски, информираше дека инспекторатот спроведува континуирани месечни надзори во сите големи трговски синџири, како и во локалните продавници низ државата.
Според последните анализи, во кои биле разгледани сметководствените податоци за цените и бруто-профитните маржи, состојбата е стабилна во споредба со истиот период минатата година.
Одговарајќи на прашањето колку контроли се спроведени поради растот на цените и дали се изречени казни на конкретни трговци, Стојкоски рече дека надзорите се редовни и ги опфаќаат сите поголеми и локални маркети на територијата на државата.
– Ние сме слободна економија, но имаме континуирани надзори на месечно ниво. Буквално се опфатени сите синџири на маркети и сите локални маркети на целата територија на државата. Од последната анализа, во чии рамки во сметководствата се согледани бруто-профитните маржи и цените, можам да кажам дека тие се стабилни во споредба со претходната година. Има одреден раст, меѓутоа засега имаме стабилност и на месечно ниво и во споредба со истиот период во 2025 година – рече Стојкоски.
Тој појасни дека инспекциските служби постапуваат врз основа на Законот за трговија и Законот за заштита на потрошувачите, кои предвидуваат различни мерки во зависност од утврдените прекршувања.
Во однос на бројот на изречени мерки според конкретните закони, Стојкоски рече дека може да бидат подготвени и доставени дополнителни податоци, бидејќи Законот за трговија опфаќа повеќе сектори, а не само трговија со прехранбени производи.
































