Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) најостро го осудува секој облик на насилство врз жените, без разлика дали се случува во семејниот дом или на работното место. Од Синдикатот сметаат дека се потребни законски измени со кои на жените жртви на насилство ќе им се овозможи платено отсуство од работа.
– Не смееме да дозволиме некоја жена да го загуби своето работно место и егзистенцијата во најтешките моменти од својот живот, кога се соочува со насилство. Доколку институциите потфрлат во процесот на превенција на насилството, ние мораме гласно да го осудиме секој таков случај – изјави претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, на денешната панел-дискусија организирана во рамки на кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“.
Од ССМ бараат доследно почитување на Конвенцијата бр. 190 на Меѓународната организација на трудот (МОТ), нагласувајќи дека законите и акциските планови не смеат да останат само на хартија.
Претседателката на Секцијата на жени при ССМ, Ивана Димитрова, истакна дека правдата не подразбира само заштита на жртвите и одговорност за сторителите, туку и спречување на насилството пред воопшто да се случи.
Таа потсети дека Конвенцијата бр. 190 на МОТ, која се однесува на елиминација на насилството и вознемирувањето во светот на трудот, е ратификувана во Македонија во 2023 година. Синдикатите бараат нејзина доследна примена, како и спроведување на Препораката бр. 206.
– Ефективната примена на Конвенцијата бр. 190 и Препораката бр. 206 подразбира безбедни и доверливи механизми за пријавување, со заштита од одмазда, превенција преку соодветни мерки за безбедност и здравје при работа, вклучување на синдикатите и работничките во креирањето на политиките и осуда на секој облик на насилство и вознемирување во светот на трудот – изјави Димитрова.
На панел-дискусијата, посветена на работничките и механизмите за спречување насилство, дискриминација и вознемирување на работното место, учесничките посочиле дека вознемирувањето не доаѓа секогаш од мажите, туку може да го вршат и жени на раководни позиции.
Податоците на ССМ покажуваат дека во период од две години до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) биле доставени 378 претставки, од кои 184 биле поднесени од жени за заштита од дискриминација и вознемирување во областа на работата и работните односи.
Во изминатите три години, дискриминација на жените на работното место била утврдена во 43 случаи, при што најчесто станувало збор за случаи во јавниот сектор.
Дискриминација врз основа на пол, род, бременост, мајчинство или раѓање била утврдена во 16 случаи. Од нив, 11 биле во приватниот, а пет во јавниот сектор.

































