Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, најави дека во текот на следната недела ќе биде објавен новиот јавен повик во рамките на ИПАРД-програмата 2021–2027, со што на земјоделците, преработувачите и руралните бизниси ќе им бидат ставени на располагање европски средства за инвестиции во земјоделството и руралниот развој.
Одговарајќи на пратеничко прашање од пратеникот Кире Божиновски од ВМРО-ДПМНЕ, Николоски информираше дека Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој на 24 ноември веќе објавила претходна најава за јавниот повик број 01/2026.
– Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, како надлежна институција и договорен орган, објави претходна најава за јавен повик за доставување барања за користење финансиски средства од ИПАРД-програмата за периодот 2021–2027 година – рече Николоски.
Тој посочи дека со повикот ќе бидат опфатени три мерки: инвестиции во основни средства на земјоделските стопанства, инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, како и диверзификација на фармите и развој на бизниси.
Според Николоски, јавниот повик ќе биде отворен 45 дена од денот на неговото објавување во дневните весници, а потребната документација и упатствата за аплицирање ќе бидат ажурирани и достапни на веб-страницата на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Тој ги повика земјоделците и сите заинтересирани инвеститори во руралниот развој да ги искористат можностите што ги нуди програмата.
– Се надевам дека ќе ги поттикнеме сите земјоделци што сакаат да инвестираат во земјоделството и руралниот развој да аплицираат и да добијат сериозна поддршка преку ИПАРД-програмата. Во зависност од мерката, поддршката може да покрие и повеќе од половина од вкупната инвестиција – истакна Николоски.
Тој додаде дека во изминатиот период институциите вложиле значителни напори за ставање на средствата на располагање на корисниците. Притоа, особено ја нагласи работата на министерот за земјоделство, како и комуникацијата со европските институции во Брисел, што ја водел министерот за надворешни работи и надворешна трговија, пренесува МИА.
































