Фото: Маја Јаневска Илиева

Системот „Сејф Сити“ ќе продолжи да се надградува и проширува низ државата, а во полициските возила ќе бидат инсталирани паметни камери со радари, кои ќе овозможат автоматско регистрирање на сообраќајните прекршоци, најави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, посочувајќи дека целосната имплементација на проектот треба да заврши до средината на 2027 година.

Тошковски, во гостувањето во емисијата „Само интервју“ на телевизијата „Канал 5“, истакна дека признанието за „Сејф Сити“ во Дубаи не се однесува само на технолошкиот систем, туку и на законските измени, начинот на неговото функционирање и постигнатите резултати во намалувањето на бројот на сообраќајни несреќи со смртни последици.

Според него, во Македонија во изминатите 35 години просечно годишно гинеле по 150 лица во сообраќајни несреќи, а годинава, заклучно со денот на изјавата, бројот на жртви изнесува 85.

– Камерите не се за да казнуваат. Целта на камерата е да спаси еден човечки живот повеќе од претходно. Човечкиот живот нема цена – порача Тошковски.

Тој најави дека подвижните радари во полициските возила ќе функционираат и во урбаните средини и на отворените патишта, а нивното воведување ќе се одвива етапно, со опремување на возилата и обука на полициските службеници.

Во однос на казнувањето за непрописно паркирање, министерот најави дека системот ќе биде ставен во функција до крајот на годинава. Сепак, за разлика од првичните очекувања, прекршокот нема да се утврдува целосно автоматски, туку ќе биде потребна потврда од полициски службеник, бидејќи системот не може со целосна сигурност да разликува непрописно паркирање од запирање поради сообраќаен метеж.

Фокусот ќе биде ставен на главните булевари во Скопје и во другите градови, особено на сообраќајниците по кои се движат автобусите.

Тошковски најави и дека од следната недела македонските граѓани ќе имаат на располагање мобилна апликација преку која ќе можат да проверуваат дали имаат регистриран сообраќаен прекршок и да ги плаќаат казните.

Дополнително, до крајот на годината се очекува да биде ставен во функција пунктот за проверка на возилата на граничниот премин Блаце, по примерот на пунктот на Табановце. Во иднина се планира проширување на системот и на други гранични премини, меѓу кои и Богородица.

Во врска со проширувањето на системот низ државата, министерот најави дека подрачјето на СВР Струмица треба да биде опфатено во првата половина на следниот месец, подрачјето на СВР Штип до крајот на годината или најдоцна до крајот на јануари, а подрачјето на СВР Скопје до крајот на февруари.

Тој нагласи дека „Сејф Сити“ ќе продолжи да се надградува, особено на критичните сообраќајни точки каде што се регистрирани најголем број тешки сообраќајни несреќи.

Како крајна цел, Тошковски ги посочи европските заложби за преполовување на бројот на жртви во сообраќајот до 2030 година и постигнување нула жртви до 2050 година, пренесува МИА.