Министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, денеска во Собранието изјави дека предложените измени на Законот за пензиско и инвалидско осигурување не предвидуваат укинување на средствата што осигурениците ги издвојуваат во вториот пензиски столб, туку нивно системско регулирање со друг закон.
Одговарајќи на пратеничко прашање од Валбона Адили Емини од ВРЕДИ, Велковски рече дека во јавноста била создадена непотребна паника околу измените, откако дел од опозицијата го проблематизирал бришењето на одредба од постојниот закон со која се регулира преносот на шест отсто од придонесите.
– Не се укинуваат шесте проценти, туку се префрлаат во друг закон, каде што ова право ќе биде системски уредено – истакна Велковски.
Министерот, исто така, појасни дека одредбата од член 120 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување, која се брише со предложените измени, ќе биде прецизно регулирана во член 52-а од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување. Предложените измени на овој закон, исто така, ќе бидат објавени на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР) за јавни коментари.
Според Велковски, двата закона ќе бидат разгледувани паралелно, по што ќе бидат усвоени од Владата и доставени до Собранието.
– Нема простор за паника. Со овој закон не се укинува ниту едно право што досега го имаме ние како осигуреници, ниту право на кој било граѓанин што е во работен однос, а такви се повеќе од 600.000 граѓани во нашата држава. Не се укинуваат шесте проценти, туку ова право продолжува да важи, но ќе биде регулирано со друг член и со сосема друг закон, кој ќе го уреди системски, а не како што било направено досега – рече Велковски.
Одговарајќи на дополнително прашање, Велковски информира дека очекува измените на законите за задолжително и доброволно капитално финансирано пензиско осигурување следната недела да влезат во второ читање во Собранието.
Како што објасни Велковски, реформите предвидуваат воведување различни инвестициски портфолија за осигурениците, по примерот на повеќе европски земји.
Помладите членови на вториот пензиски столб ќе имаат можност нивните средства да се инвестираат во поризични инструменти со потенцијално повисок принос, додека за осигурениците што се поблиску до пензионирање ќе се применуваат поконзервативни модели на инвестирање.
Велковски увери дека средствата на осигурениците остануваат заштитени и дека постојат законски гаранции за остварување на правата од пензиското осигурување по пензионирањето.
– Има заштитни механизми и тука никој не треба да биде загрижен. Портфолијата даваат само дополнителна можност секој од нас првично да избере во кое портфолио сака да учествува. Доколку тоа не го направиме доброволно, самиот закон предвидува дека, според утврдените возрасни категории, друштвото во кое членуваме во рамките на вториот пензиски столб ќе го изврши распределувањето согласно важечката законска регулатива – рече Велковски, пренесува МИА.
































