Фото: Министерство за образование

Законите за високо образование, Законот за научноистражувачка дејност и Законот за квалитет во високото образование се едни од чекорите што понатаму ќе треба да ги исполниме во рамките на Реформската агенда, како приоритет во образованието во Македонија, истакна денеска министерката за образование и наука, Весна Јаневска.

Одговарајќи на прашање на пратеничката Емилија Ангелова од ВМРО-ДПМНЕ, на собраниската седница наменета за пратенички прашања, министерката повторно упати апел до пратениците да надвладее разумот и да ги поддржат законите, затоа што, како што подвлече, Извештајот на Европската комисија е извештај за државата.

– Министрите се менливи, владите се менливи, но ќе остане доброто што ние го правиме за граѓаните. Оттука, ако сакаме и следната година добар извештај за граѓаните, а не за Владата, која, како што веќе кажав, е менлива, повикувам на разум во полза на младите, учениците и образованието, кое е столб на развојот на целата држава, економијата, човечкиот капитал, индустријата, земјоделството, правдата и сето она што ја сочинува државата. Доколку не најдеме сили да се здружиме барем за одредени нешта и доколку сè уште круто и цврсто се држиме до популистички политики, нема да претрпи штета Владата, туку државата и, без исклучок, сите нејзини граѓани – истакна Јаневска.

Извештајот на Европската комисија, посочи таа, е тесно поврзан со Реформската агенда, но и со другите активности што ги презема Министерството за образование и наука.

Според министерката, првиот чекор што го исполниле бил опремувањето на 160 основни училишта со информатичка и безжична опрема, како и со современи ИТ-алатки, кои овозможуваат безбеден пристап до интернет и ограничување на содржините што не се соодветни за возраста на децата. Истовремено, опремата овозможува континуирано запознавање на учениците со современите технолошки достигнувања.

– Многупати сум зборувала зошто е ова значајно. Многу е значајно затоа што последните случувања покажуваат дека пристапот до несоодветни содржини на интернет кај нашите ученици, но и секаде во светот, може да предизвика несакани последици. Од друга страна, позитивниот ефект е тоа што учениците се запознаваат со дигиталната технологија, што е неопходно во денешно време – посочи Јаневска.

Вториот чекор, додаде таа, е усвојувањето нова методологија за финансирање на основното образование, која е применета при изготвувањето на националниот буџет за 2026 година.

– Станува збор за правична распределба на средствата кон локалната самоуправа за финансирање на образованието. Предвреме, односно пред определениот рок, тоа е направено и за средното образование. Претходно, средствата се доделувале според историски принцип, а сега, по барање на Европската Унија, во соработка со УНИЦЕФ и Светската банка, донесовме методологија која првенствено се заснова на бројот на ученици во училиштата и на бројни други параметри, како што се категориите на училиштата и струките. Одредени струки бараат повеќе средства, на пример, машинската и електротехничката, за разлика од правната или гимназиското образование. Сето тоа е вградено во двете нови формули – посочи министерката за образование.

Како дел од Реформската агенда, се очекува одговор во однос на целта 95 отсто од основните и средните училишта да имаат најмалку еден кариерен советник, како и за вклучувањето на 700 приватни компании во дуалното образование, за што привршува процесот на акредитација.

Според Јаневска, во Извештајот на Европската комисија позитивно се оценети законската регулатива, проширената мрежа на регионални центри за средно стручно образование и инвестициите во науката.

– Извештајот генерално ни забележува за состојбите во високото образование, каде што децидно се наведува дека работиме според застарени студиски програми, без оглед на автономијата на универзитетите, која беше многу актуелна во времето на подготвувањето на трите закони и која, според мене, апсолутно неоправдано беше предимензионирана. Тврдам дека во законите нема ништо што ја нарушува автономијата. Стануваше збор и за начинот на применување на студиските програми, нешто што се нарекува модуларност, што сега го нема, а што значително придонесува за квалитетот на високото образование – рече Јаневска, пренесува МИА.