Договорот за изградба на автопатот Скопје – Блаце е потпишан на 191 милион евра, а подготвителните работи на терен се завршени и започнати се активностите за изградба на петте тунели на трасата. Ова го истакна министерот за транспорт, Александар Николоски, одговарајќи на пратеничко прашање од Илир Хасани од „Европскиот фронт“ во Собранието.
Николоски појасни дека сумата од 191 милион евра се однесува на договорот за изведба, а во повисоките износи што се споменуваат во јавноста се вклучени и трошоците за надзор, техничка поддршка и 15 проценти непредвидени средства, согласно правилата на Европската банка за обнова и развој. Тој нагласи дека тоа не значи дека сите овие средства ќе бидат потрошени.
Според вицепремиерот, споредбите со претходната делница од два километра не се соодветни поради значителниот раст на цените во градежништвото по корона-кризата и енергетската криза.
– Цените во градежништвото пред корона-кризата и по неа не се исти. Доволно е да се види движењето на цените на нафтата и битуменот за да се разбере зошто се зголемени трошоците – истакна министерот.
Николоски посочи дека француската консултантска компанија „Сафеж Суез“, ангажирана за проектот, претходно проценила дека изградбата на трасата би чинела околу 260 милиони евра, додека актуелниот договор е на значително понизок износ.
– Она за што јас сум зборувал овде, од говорницата, биле документи и факти што сум ги презентирал во два дела. Едниот беше за новата траса што беше понудена од претходното раководство на ЈПДП. Не јас, туку официјалниот консултант што беше избран, а тоа е реномираната француска компанија „Сафеж Суез“, предвидуваше дека на крајот проектот ќе чини 260 милиони евра. Тоа е документирано и јас го имам презентирано од истата оваа говорница. Еве, гледате дека ние добивме понуда од 191 милион евра, што е далеку под 260 милиони евра, колку што предвидуваше „Сафеж Суез“ – рече тој.
Осврнувајќи се на експропријацијата, министерот рече дека сопствениците на земјиштето ќе бидат обесштетени по пазарни цени, кои, зависно од категоријата на земјиштето, се движат од 50 до 100 евра за квадратен метар.
Тој нагласи дека автопатот има пошироко регионално и економско значење, бидејќи ќе овозможи подобро поврзување на земјата со Косово, Црна Гора и пристаништата во Солун, Драч и Бар.
– Овој автопат значи отворање на државата кон трите пристаништа. Ние веќе сме поврзани со пристаништето Солун, работиме интензивно на поврзување со пристаништето Драч, а со ова се отвораме и кон пристаништето Бар, што многу значи за нашата економија – изјави Николоски.
Тој информираше и дека е исплатен аванс на изведувачот, а во тек се подготовките за пробивање на сите пет тунели на трасата. За таа цел се обезбедуваат специјализирани машини за пробивање тунели, кои се увезуваат од странство.
Николоски очекува во период не подолг од една година да бидат пробиени сите пет тунели, по што ќе следуваат активностите за нивно внатрешно уредување.
Во однос на железничкото поврзување со Бугарија, вицепремиерот најави дека следниот петок ќе се сретне со бугарскиот министер за транспорт и врски, со цел финализирање на прашањето за прекуграничниот железнички тунел, пренесува МИА.
































