Лидерите на Европската Унија не постигнаа договор за следниот седумгодишен буџет, откако на вонредниот самит во Брисел останаа разликите околу неговата големина и распределбата на средствата. Преговорите за финансиската рамка за периодот од 2028 до 2034 година ќе продолжат во декември.
– Не постигнавме договор – изјави претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, на заедничката прес-конференција со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Според Кошта, мнозинството земји се изјасниле против дополнителни намалувања на предложениот буџет. Дел од членките, пак, побарале помал вкупен износ, додека други инсистирале да се преиспитаат предвидените кратења за земјоделството и кохезиската политика, преку која се поддржуваат послабо развиените региони.
Кошта нагласи дека за усвојување на новата буџетска рамка е потребна едногласност од сите 27 членки. Тој оцени дека разговорите биле важен чекор и дека останува време за постигнување решение до крајот на годината. Фон дер Лајен предупреди дека претстои уште многу работа.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека следниот обид за договор ќе биде на самитот на 17 и 18 декември. Германија и други земји што уплаќаат повеќе во европскиот буџет отколку што добиваат од него бараат намалување на предложениот износ, објави Ројтерс.
Покрај вкупната сума и распределбата на парите, предмет на разговорите се и новите сопствени извори на приходи на ЕУ, со цел придонесите од националните буџети да останат на прифатливо ниво. Седумгодишната рамка ги определува границите на расходите и долгорочните финансиски приоритети на Унијата.
































