Повод: Пропаднатиот климатски самит во Анталија и зелената догма на Брисел
- Пропаднатиот климатски самит во Анталија е уште еден доказ дека зад големите зелени декларации нема глобален консензус. Брисел бара од светот да ги прифати правилата што развиените земји сами не ги почитуваа додека ја градеа својата економска моќ
- Речиси 200 држави не успеаја да постигнат договор за завршниот документ, а предложениот „Пакт од Анталија“ не доби консензус. Зад овој дипломатски судир се крие многу подлабок проблем за тоа дека светот нема единствена претстава за тоа како треба да изгледа енергетската иднина, а и ниту сите држави имаат исти можности и интереси
Неуспехот на климатскиот самит КОП31 во Анталија, кој заврши без политички договор, не е само уште еден дипломатски неуспех. Тој е сериозен сигнал дека светот сè помалку е подготвен да прифаќа универзални климатски рецепти, особено кога зад нив стојат економски интереси, политички амбиции и обиди за наметнување развојни модели што не им одговараат на сите држави.
Токму Европската Унија, која со години се поставува како глобален предводник на зелената транзиција, треба да го прочита овој сигнал. Наместо климатската политика да ја претвори во нова догма, Брисел треба да се соочи со едно едноставно прашање. Имено, дали е праведно земјите што веќе ја достигнале својата индустриска и економска зрелост да им ги ограничуваат развојните можности на оние што допрва се обидуваат да ја достигнат?
Иронијата на европската зелена политика е особено изразена кога ќе се погледне историскиот контекст. Денешните најразвиени економии своето богатство не го создадоа со ветерници и соларни панели. Индустриската револуција, масовното производство, развојот на транспортот, тешката индустрија и модерната инфраструктура беа изградени врз основа на достапни и релативно евтини фосилни горива. Јагленот, нафтата и природниот гас беа енергетската основа врз која се создадоа индустриската моќ, капиталот и технолошката предност на Западот.
Со децении, па и со векови, тие економии ги користеа природните ресурси без денешните ограничувања, ги исцрпуваа сопствените и туѓите богатства и произведуваа огромни количества емисии. Но кога го достигнаа нивото на развој што го посакуваа, правилата почнаа да се менуваат. Денес истите тие држави им порачуваат на земјите во развој дека нивниот пат кон индустријализацијата мора да биде поинаков, поскап и исполнет со нови ограничувања. Тоа не е само прашање на климатска одговорност. Тоа е и прашање на економска правда.
Зашто, што всушност значи зелената транзиција за една богата западноевропска економија, а што за сиромашна земја со застарена инфраструктура, ограничени буџети, недоволно развиена индустрија и милиони граѓани што сè уште се борат со енергетската сиромаштија?
За богатите, транзицијата е прашање на инвестиции, субвенции, технолошки иновации и можност за замена на постојните капацитети. За посиромашните, таа често значи дополнителни финансиски товари, скапи технологии, задолжување и ограничување на можноста за користење на сопствените енергетски ресурси. Истата климатска обврска, поставена пред економии со драстично различни можности, не може да произведе еднакви последици. Особено е проблематично кога Брисел преку регулативи, стандарди, механизми за јаглеродни давачки и трговски ограничувања ги извезува сопствените климатски правила надвор од границите на Унијата. Така, она што формално се претставува како борба за почиста планета може да се претвори во дополнителна пречка за конкурентноста на индустријата во земјите што немаат финансиска моќ да ја следат европската динамика.
Ако енергијата е основа на секоја економија, тогаш нејзината цена е директно поврзана со можноста за производство, инвестиции, вработување и економски раст. Ниту една држава не може сериозно да размислува за индустриски развој ако не располага со сигурна, достапна и предвидлива енергија. Не може да се бара од земјите во развој да градат модерни фабрики, да отвораат работни места и да ја зголемуваат продуктивноста, а истовремено да им се стеснува просторот за избор на најсоодветниот енергетски микс. Не станува збор за отфрлање на обновливите извори, ниту за негирање на потребата од заштита на животната средина. Напротив, обновливите извори треба да бидат дел од енергетската иднина. Но тие не можат со политички декрет да станат единствено решение, независно од техничките можности, потребите на индустријата, стабилноста на електроенергетските системи и реалната платежна способност на граѓаните. Зелената транзиција мора да биде економски одржлива, а не идеолошки задолжителна.
Пропаднатиот самит во Анталија токму затоа е толку значаен. Речиси 200 држави не успеаја да постигнат договор за завршниот документ, а предложениот „Пакт од Анталија“ не доби консензус. Дури и Европската Унија го отфрли конечниот текст, оценувајќи дека не ги опфаќа доволно фосилните горива. Но зад овој дипломатски судир се крие многу подлабок проблем. Светот нема единствена претстава за тоа како треба да изгледа енергетската иднина, ниту сите држави имаат исти можности и интереси.
Најголемата противречност на развиениот свет е во тоа што бара глобална одговорност, а не секогаш нуди соодветна глобална солидарност. Ако богатите држави навистина очекуваат посиромашните да го забрзаат напуштањето на конвенционалните енергетски извори, тогаш мора да понудат реално финансирање, достапни технологии, поволни кредити и инвестиции во нивната енергетска инфраструктура. Не е доволно да се испраќаат политички пораки, да се поставуваат рокови и да се бараат нови обврски од држави што немаат ни приближно еднакви економски ресурси.
Особено е опасно ако климатската агенда стане инструмент за зачувување на постојната глобална економска хиерархија. Развиените да ги задржат своето богатство и технолошката предност, а земјите во развој да останат пазари за готови технологии, суровини и скапа енергија. Таквата транзиција не би била праведна, туку би претставувала нов облик на економска зависност. Усогласувањето со европските стандарди мора да оди паралелно со заштитата на домашната индустрија, енергетската сигурност и животниот стандард на граѓаните.
На крајот, планетата не може да биде заштитена со двојни стандарди. Ниту климатската правда може да се гради врз економска неправда. Брисел мора да разбере дека светот не може да се развива според една универзална матрица, создадена во канцелариите на богатите европски престолнини. Зелената транзиција има смисла само ако создава подобра иднина, а не ако го заклучува развојот на оние што сè уште немаат можност да ја достигнат сегашноста на најбогатите. Енергијата мора да биде двигател на развојот, а не привилегија резервирана за економски моќните. Зашто, не може да им се забрани на посиромашните или земјите во развој да се развиваат со енергијата со која богатите се збогатија, а потоа таквата забрана да се прогласи за глобална климатска правда.
































