Фото: МИА

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска најави нови правила за работењето на финансиските друштва. Законското решение е подготвено и поминато е последното читање, а една од клучните измени предвидува целосно укинување на готовинските уплати и исплати.

Новиот закон за финансиски друштва е подготвен, а со него се предвидуваат значајни промени во начинот на работење на овие институции, особено во делот на финансиските трансакции и заштитата на потрошувачите.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, информираше дека законското решение го поминало последното читање, при што една од најважните новини е забраната за уплати и исплати во готовина.

– Не може да има исплати во готовина, уплати во готовина. Мора да оди преку сметките – истакна Димитриеска-Кочоска, посочувајќи дека оваа измена може да предизвика реакции кај финансиските друштва.

Засилени контроли и поголема заштита на граѓаните

Осврнувајќи се на контролите врз финансиските друштва, министерката потсети дека Министерството за финансии уште во 2024 година испратило циркуларно писмо до сите друштва, со предупредување за доследно почитување на членот 36 од Законот за заштита на потрошувачите.

Со оваа одредба се регулира наплатата на одредени услуги и активности, меѓу кои и опомените што финансиските друштва ги доставуваат до граѓаните.

Димитриеска-Кочоска нагласи дека таквите дејства не смеат да им се наплатуваат на потрошувачите доколку законот тоа го забранува.

Министерството во меѓувреме работело и на зајакнување на надзорните капацитети, со поддршка од претставници на Одделот за техничка помош при Министерството за финансии на САД.

Како резултат на овие активности, во 2025 година било формирано посебно одделение за вонтеренски и теренски контроли на финансиските друштва.

Пријавите од граѓаните помогнале во откривањето неправилности

Министерката посочи дека надзорот се засилува, а Министерството постапува и по пријави од граѓаните, кои се важен извор на информации за утврдување неправилности во работењето на финансиските друштва.

Таа ги охрабри граѓаните и понатаму да ги пријавуваат проблемите, нагласувајќи дека дел од досега изречените прекршочни мерки и опомени се резултат токму на нивните реакции.

Според неа, искуствата од контролите и пријавите на граѓаните помогнале во подготовката на новото законско решение и во утврдувањето на областите во кои се потребни дополнителни измени.

Одземената дозвола не значи автоматско затворање

Димитриеска-Кочоска се осврна и на финансиските друштва на кои им беа одземени дозволите за работа, појаснувајќи дека оваа мерка не значи нивно моментално и автоматско згаснување.

Постапката за целосно затворање се спроведува согласно законските рокови и процедури, преку стечај или ликвидација.

Причината е што друштвата имаат склучено кредитни договори со определена рочност, поради што е потребно време за регулирање на побарувањата и завршување на сите законски обврски.

– До нивно комплетно затворање има процес – појасни министерката.

Новото законско решение, како што нагласи Димитриеска-Кочоска, е подготвено врз основа на анализите од надзорот и пријавите од граѓаните, со цел подобро регулирање на работењето на финансиските друштва и поголема заштита на потрошувачите.