Фото: Маја Јаневска-Илиева

Цената на топлинската енергија за домаќинствата во Скопје од 1 декември се зголемува во просек за 7,56 отсто. Одлуката е донесена поради зголемувањето на цената на природниот гас на светските пазари, како последица на геополитичките случувања, информира Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).

Поскапувањето се однесува на потрошувачите кои се снабдуваат преку компаниите „ЕСМ снабдување“, „ЕСМ дистрибуција“, „ЕСМ производство на топлина“ и „ЕСМ енергетика“.

За корисниците приклучени на мрежата на поранешната топлана „Скопје Север“, односно сегашна „Енерџи еколинк“, зголемувањето ќе изнесува 5,84 отсто.

Од РКЕ појаснуваат дека со новата цена просечната сметка за парно греење ќе биде повисока за 188 денари и ќе изнесува 2.681 денар.

Одлуката следува откако сите компании кои ги снабдуваат потрошувачите со топлинска енергија во Скопје доставиле вонредни барања за промена на регулираниот максимален приход и ревидирање на цената. Претходната цена беше утврдена во јули, а почна да се применува од 1 август 2026 година.

Во Скопје речиси 70.000 потрошувачи користат централно греење.