Фото: Фејсбук профил на Хема - онко

Лекот „паклитаксел“ за онколошките пациенти се очекува од вторник повторно да биде достапен на Клиниката за онкологија, додека за лекот „анастрозол“ најавите се дека би можел да пристигне по 15 декември. Ова за МИА го изјави Ана Марјановиќ од Здружението за пациенти со рак и нивни негуватели „Хема-онко“.

Според информациите што ги добила од Клиниката за онкологија и Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), недостигот на „паклитаксел“ не е резултат на неплатени обврски.

– За „паклитаксел“ информацијата ја добив од Клиниката за онкологија и од Фондот за здравствено осигурување дека не станува збор за неплаќање. Мислам дека проблемот е Галинос фарм, преку кого се набавуваат двата лека кои се на позитивната листа – изјави Марјановиќ.

Во однос на „анастрозол“, од претставништвото на „Плива“ во Скопје информирале дека поради проблеми во производството се очекува лекот да биде достапен по 15 декември.

Марјановиќ појаснува дека пациентите кои користат „паклитаксел“, а за кои онкологот ќе процени дека не е можна замена со друга терапија, имаат можност да побараат рефундација на средствата доколку лекот го набават приватно.

За тоа е потребно онкологот во извештајот да наведе дека не може да се примени заменска терапија, а Клиниката за онкологија да издаде потврда дека лекот во моментот не е достапен. Со медицинскиот извештај, потврдата од Клиниката и фискалната сметка за купениот лек, пациентите можат да поднесат барање за рефундација до ФЗО.

– При недостиг на „анастрозол“ се укажува на примање заменска терапија, но сите пациенти немаат иста толеранција, а некои од нив и ги немаат заменските терапии – додаде Марјановиќ.