- Европа не може да се договори ниту за сопствениот буџет, а камоли за Украина, или за заедничка политика кон Русија. Длабоките поделби меѓу земјите членки повторно излегоа на површина во Брисел. Наместо договор за финансиската иднина на Унијата и поддршката за Украина, европските лидери го завршија самитот без конкретен напредок, а клучните одлуки ги одложија за декември.
Доне Прентоски, постојан соработник на „Нова Македонија“ од Германија
Наместо демонстрација на европско единство и политичка решителност, самитот на Европската Унија во Брисел заврши како уште една потврда за длабоката неспособност на 27-те земји членки да постигнат компромис дури и за прашања од стратешко значење за иднината на Унијата. Европските лидери не успеаја да се договорат за следниот седумгодишен буџет, останаа без решение за финансирањето на Украина, а различните национални интереси повторно ја ставија под знак прашалник можноста за водење единствена европска политика. Фијаското во Брисел беше толку очигледно што самитот, првично планиран да трае два дена, беше скратен, без да биде постигнат суштински напредок. Наместо договор, одлуките се префрлени за декември.
Компромисот за буџетот пропадна уште пред да започнат вистинските преговори
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, се обиде да ги приближи спротивставените позиции со компромисен предлог со кој првично предложениот буџет беше намален за 204 милијарди евра. Пораката до лидерите беше дека е време Унијата конечно да постигне договор за својата финансиска иднина. Но, ни тоа не беше доволно. Имено, седум земји – Австрија, Белгија, Данска, Финска, Германија, Холандија и Шведска – одбија да учествуваат во помалите географски мешани преговарачки групи организирани од Кошта. Тие оценија дека таквиот формат создава притисок врз нив да прифатат буџет што го сметаат за преголем и финансиски неодржлив. Нивното инсистирање на враќање на преговорите во формат на пленарна седница практично го блокираше процесот. Данската премиерка Мете Фредериксен беше децидна дека предложениот компромис не може да послужи како основа за договор. Станува збор за сериозен политички удар за раководството на Унијата. Ако дури и предлог што веќе е значително намален не може да ги приближи позициите, тогаш прашањето е колку воопшто постои простор за вистински компромис меѓу членките.
Киев во недоумица заради длабоките европски внатрешни поделби
Паралелно со буџетскиот спор, без решение останува и финансирањето на Украина, во момент кога Киев инсистира на континуирана финансиска поддршка. Европската комисија (ЕК) предложи заем од 45 милијарди евра, обезбеден преку заедничко задолжување на Унијата. Но, и овој предлог наиде на отпор. Словачка, Чешка, Унгарија и Бугарија изразија противење, отворајќи нов фронт на несогласувања во рамките на ЕУ.
Така, ЕУ ја остава Украина „на цедило“ заради европското надмудрување, националните интереси, финансиските обврски и распределбата на товарот меѓу членките. Но, проблемот е многу поширок од конкретниот заем. ЕУ со месеци и години настојува да се позиционира како клучен политички и финансиски поддржувач на Украина, но секој нов обид за конкретна финансиска обврска ги открива ограничувањата на нејзиното единство.
Европа сака да биде геополитичка сила, но не може да се договори ниту за сопствените приоритети
Најголемиот проблем за Унијата, сепак, не е само пропаднатиот буџетски договор или неизвесноста околу украинското финансирање. Тоа е пошироката политичка слика во која европските држави сè потешко наоѓаат заеднички јазик за клучните внатрешни и надворешни прашања. Разликите се присутни во односот кон заедничкото финансирање, распределбата на европските средства, миграцијата, економските приоритети, но и во надворешната политика, односите со Русија и стратегијата за војната во Украина. И додека Брисел настојува да испрати порака за единство и заедничка европска стратегија, реалноста покажува дека националните влади сè почесто ги ставаат сопствените политички и финансиски интереси пред заедничките европски цели. Тоа ја отвора и клучната дилема за тоа дали Унијата може воопшто да води конзистентна надворешна политика, ако нејзините членки не можат да се договорат ниту за основните финансиски инструменти со кои таа политика треба да се спроведува?
Францускиот претседател Емануел Макрон веќе сигнализираше дека е подготвен да се повлече од преговорите доколку до крајот на годината не биде постигнат договор. Тоа дополнително ја зголемува неизвесноста и покажува дека трпението меѓу европските лидери се намалува. Декември, така, станува новиот рок за решавање на проблемите што Брисел не успеа да ги надмине на овој самит. Но, како и да е, прашањето што избива на врв на табелата од недоумици е „дали станува збор само за тежок преговарачки процес или за подлабока криза на европското политичко единство?“. Многу поверојатно е дека е второто. ЕУ сака да биде фактор во решавањето на глобалните кризи, да влијае врз војната во Украина, да ја обликува безбедносната архитектура на континентот и да има единствен настап кон Москва. Но, кога треба да се донесат конкретни одлуки, Унијата повторно се соочува со блокади, бојкоти и меѓусебни обвинувања.
Европа повторно покажа дека има 27 влади, но сè уште нема 27 држави подготвени да ја споделат досегашната бриселска политичка визија. Се повеќе е јасно дека амбицијата за силна, единствена и геополитички релевантна Европа останува повеќе декларација отколку реалност.

































