Фото: Пиксабеј

Британското Министерство за труд и пензии е цел на кибернапад, поради што дел од неговите услуги се привремено недостапни. Информацијата денеска ја потврди британската влада, откако бил идентификуван киберинцидент што влијаел врз системите на институцијата.

Министерството, кое е надлежно за исплата на пензии и социјални бенефиции, соопшти дека од безбедносни причини привремено оневозможило дел од онлајн услугите.

„Оневозможивме некои онлајн услуги како мерка на претпазливост откако идентификувавме киберинцидент што влијае на нашите системи“, се наведува во соопштението на Министерството.

Според информациите што ги објави „Скај њуз“, британската влада уверува дека редовните исплати на пензиите и социјалните бенефиции не се изложени на ризик.

Во истрагата се вклучени Националниот центар за кибербезбедност и владиниот Центар за киберкоординација. Нивна задача е да ги утврдат околностите на нападот, да помогнат во обновувањето на услугите и да ги сведат прекините на минимум.

Британските институции сè почесто мета на кибернапади

Киберинцидентот доаѓа во период кога британските компании и институции се соочуваат со сè почести и пософистицирани сајбернапади.

Во изминатите години сериозни нарушувања во работењето претрпеа повеќе познати институции и компании, меѓу кои Британската библиотека, Службата за тестирање на крв, Лондонското метро и трговскиот синџир „Маркс и Спенсер“.

Дел од овие напади предизвикаа долготрајни прекини во работењето, а случајот со Министерството за труд и пензии повторно го отвора прашањето за сајбер-безбедноста на клучните државни системи.