Американскиот претседател Доналд Трамп ја измени заедничката изјава по средбата со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во Мар-а-Лаго на Флорида, со што го изненадил шефот на Алијансата, објави „Политико“.
Во првичната верзија на документот, објавена на веб-страниците на НАТО и Белата куќа по средбата, повикот за воздржаност беше упатен до Русија. Москва беше повикана да избегнува дејства кои, намерно или ненамерно, би можеле да доведат до проширување на конфликтот.
Но, неколку часа подоцна, Трамп на социјалната мрежа „Трут соушал“ објави изменета верзија, во која се наведува дека и Русија и Украина треба да се воздржат од такви чекори.
Неименуван претставник на НАТО за „Политико“ изјавил дека првичниот текст бил усогласен меѓу двете страни, додека изменетата верзија била одобрена само од американскиот претседател.
Според „Политико“, промената укажува на постојните тензии меѓу Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски. Во написот се наведува дека Зеленски одбива да ги запре украинските напади врз руските рафинерии и критичната инфраструктура.
































