По повод 180 години од раѓањето и 110 години од смртта на Хенрик Шенкевич
По повод 180-годишнината од раѓањето и 110-годишнината од смртта на Хенрик Шенкевич, како и првото македонско издание на капиталниот роман „Потоп“ во издание на „Бегемот“, денеска во 10 часот на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје и во 13 часот во мултимедијалната библиотека на Национална и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје ќе се одржат два настана посветени на творештвото на првиот полски добитник на Нобеловата награда за литература.
– Преку предавање и дебата ќе се осврнеме на значењето на книжевните класици, нивната актуелност денес, предизвиците на преведувањето на прозата на Шенкевич и присуството на полската литература во македонскиот културен простор. Во рамките на настанот, Амбасада на Република Полска во Скопје свечено ќе ѝ предаде на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ донација од романите „Со оган и со меч“ и „Потоп“ – најавува организаторот.
„Потоп“ е вториот дел од славната трилогија на Хенрик Шенкевич, заедно со романите „Со оган и со меч“ и „Господинот Володијовски“ – грандиозен книжевен проект посветен на бурниот 17 век и на борбата на Полска за опстанок, слобода и национално достоинство. Замислен како историско-авантуристичка епопеја со огромен раскажувачки замав, романот ги спојува големите историски настани со личните судбини, воените походи со љубовните заплети, а политичките интриги со драматичните пресврти. Панорамската структура, галеријата незаборавни ликови, динамичната нарација и раскошните борбени сцени создаваат свет во кој историјата пулсира како возбудлив роман, а авантурата добива размери на национална драма. Дејството се одвива за време на шведската инвазија врз Полска, во еден од најтешките периоди во нејзината историја. Во виорот на војната, предавствата и општиот хаос, во средиштето на приказната се наоѓа Анджеј Кмиќиц, благородник чиј пат од непромисленост и морални заблуди до пожртвуваност и искупување ја отелотворува драмата на еден човек, но и на цела една нација. Со мајсторски спој на историска реконструкција и книжевна имагинација, Шенкевич создава епопеја за честа, верноста, љубовта и отпорот пред заканата од национално исчезнување. „Потоп“ е роман во кој херојството не се исцрпува во победите на бојното поле, туку се потврдува и во способноста за лична преобразба и одговорност кон заедницата. В.Д.































