Изборите во четири држави би можеле да ја запечатат судбината на континентот
Во последните месеци, Франција, Германија, Италија и Шпанија беа зафатени од протести. Иако не станува збор за единствено координирано движење, протестите ги одразуваат основните проблеми во сè поголем број европски земји. Имено, се зголемува перцепцијата на граѓаните дека европските влади не се во можност да обезбедат достапно домување, функционални јавни услуги и економска безбедност. Јазот помеѓу очекувањата на граѓаните и фискалната реалност веројатно само ќе расте, предвидува американскиот весник.
Шпанија, која викендов одржува предвремени парламентарни избори, би можела да го отстрани премиерот Педро Санчез и да постави десничарска влада во која е вклучена и десничарската партија Вокс. Изборите во Шпанија ја отвораат вратата кон 2027 година како многу значајна година, бидејќи девет изборни процеси низ ЕУ би можеле целосно да го променат лицето на континентот. Од тие девет, изборите во четири земји ќе бидат особено важни: Франција, Германија, Италија и Полска. Во секоја од овие земји би можеле да се појават десничарски популистички сили што би можеле да ги свртат своите земји против поголема интеграција со ЕУ, против поддршката за Украина и колективната европска безбедност. Дури и доколку десница не победи директно, низа изборни резултати би можеле да доведат до тоа новите влади да се оддалечат од Брисел и да ја попречат посилната европска автономија и одбрана. Така, наместо со тресок, европскиот проект би можел да умре со плач, според „Форин аферс“, кој ги анализира изборните сценарија во споменатите четири земји.
„Гилотина“ за Брисел
Најважната изборна трка ќе се одржи во Франција. Нестабилното национално расположение и низата домашни и меѓународни настани ја истакнаа Марин Ле Пен како фаворит за изборите во април 2027 година и првиот можен десничарски француски претседател од падот на режимот Виши во 1944 година. Победата на Ле Пен би била вистински шок за Европа и би ѝ задала смртоносен удар на целта на Брисел за постигнување поголема политичка независност од Соединетите Американски Држави и Кина преку поголема европска интеграција. Оваа интеграција ја застапуваше Емануел Макрон, кој повика на „суверена, обединета и демократска Европа“.
Ле Пен е посветена на едностраното, но и нелегално, негирање на придонесот на Франција во буџетот на ЕУ; прекинување на француската и европската помош за Украина; ограничување на сите трошоци на ЕУ; блокирање на проширувањето на ЕУ; и промена на францускиот устав за да се зацврсти „националниот“ примат во вработувањето и социјалната сигурност, што ефикасно би го уништило европскиот единствен пазар. Дури и ако не успее да ги постигне сите овие амбиции, непријателски настроен Париз лесно би можел да го спречи понатамошниот напредок на ЕУ.
Центристи без одговори
Центристичките влади се во дефанзива надвор, бидејќи гласачите низ целиот континент заклучуваат дека овие влади немаат решенија за своите проблеми. Типичен пример е Германија. Слабиот и непопуларен канцелар Фридрих Мерц се бори да го ограничи подемот на десничарската Алтернатива за Германија (АфД). Покрај тоа, тој мора да управува со нестабилна економија. Германската економија ориентирана кон извоз страда од колапсот на меѓународниот трговски систем. Фрагментираниот и недоволно капитализиран европски банкарски сектор слабо им позајмува пари на брзорастечките германски стартапи.
Поради сето ова, во 2027 година, Берлин би можел да има проблеми со растот на невработеноста и изборното незадоволство, на кои владата на Мерц нема да има одговор. Исто така, постојат поделби меѓу конзервативците на Мерц и централно-левичарските социјалдемократи, што би можело да ѝ го отежни на коалициската влада спроведувањето важни реформи поврзани со пензиите, даноците, здравството, пазарот на трудот, енергијата и со климата.
На покраинските избори во 2027 година, АфД речиси сигурно ќе навлезе длабоко во електоратот на Западна Германија, ќе добие национално значење и ќе почне да дејствува како сè посериозен кандидат за федералните избори во 2029 година. Партијата Левица, од своја страна, ќе продолжи да привлекува гласови од левоориентираните партии. Двете партии би можеле дополнително да ги поделат германските парламенти и да го комплицираат процесот на формирање влада, а слабата ефикасност на државните администрации – што би била последица на таквата влада – би можела да ги охрабри незадоволните гласачи да експериментираат со радикализам на федералните избори во 2029 година.
Проблеми на Истокот
Изборните притисоци во Германија во Франција би можеле да ги затегнат односите меѓу Берлин и Париз. Националистичко-популистичката Ле Пен нема да има голем интерес за одржување на француско-германскиот „мотор“ на европската интеграција, а францускиот приоритет за намалување на плаќањата кон европскиот буџет би го налутил Берлин, кој најмногу придонесува во европскиот буџет. Каква и да е владата во Германија, таа веројатно нема да ги прифати француските напори за ослабување на единствениот пазар или напуштање на Украина, а без заедничка германско-француска политика, другите земји членки би имале тешкотии да постигнат консензус за клучните економски и безбедносни предизвици.
Поради ова, европските политичари веќе гледаат кон исток, кон Полска, и се прашуваат што може да направи „новата Европа“ ако „старата Европа“ престане да ја турка ЕУ напред? Варшава, сепак, се соочува со свои политички проблеми: Полска има важни парламентарни избори во 2027 година, а резултатот од изборите би можел да доведе до колапс на сегашната центристичка коалиција и создавање на крајно десничарска коалициска влада.
Таквата десничарска влада би имала поконфронтациски пристап кон ЕУ, особено во однос на миграцијата, идниот буџет на ЕУ, климатската политика и независноста на судството. Покрај тоа, би имало нестабилност бидејќи постојат несогласувања околу поддршката за Украина и политиката кон украинските бегалци, од кои има речиси милион во Полска. Исто така, постојат значајни идеолошки разлики во рамките на полската десница, како и нетолеранција на десничарските лидери едни кон други. Прашањето е, според тоа, дали воопшто би можела да се формира таква влада, и ако е така, колку долго би траела?
Еднакво проблематично е и алтернативното сценарио за неактивен парламент во кој ниту Граѓанската коалиција (КО) на премиерот Доналд Туск ниту десничарската партија Право и правда не можат да формираат владејачко мнозинство. Резултатот би можел да биде малцинска влада или нови избори со уште покомплицирани сценарија во формирањето коалиции и продолжување на преговорите. Дури и во случај на формирање малцинска влада, нејзината зависност од поддршката на опозицијата за клучните закони би го ограничила сериозно политичкото донесување одлуки и би ја направила Полска неспособна да се соочи со растечките безбедносни предизвици или да игра каква било водечка улога во Брисел.
Од по жица
Различен вид ризик претставува Италија, која, за разлика од Франција, Германија или Полска, има релативно стабилна влада со Џорџа Мелони, која успеа да ги усогласи своите десничарски националистички корени на Браќата на Италија со прагматичен пристап кон европските и надворешните работи. Иако Мелони останува фаворит на изборите во 2027 година, таа е загрозена од Роберто Ванаци, поранешен ветеран од војните во Ирак и Авганистан, кој основа нова партија, Национална иднина (ФН), која од Браќата на Италија ги одвлекува десничарските гласачи огорчени од компромисите на Мелони со Брисел.
Најпроблематичното сценарио за Италија е десничарска влада на Браќата на Италија и Националната иднина во која втората ќе го искористи балансот на моќта. За да се случи таква коалициска влада, новата партија мора да надмине 10 проценти од гласовите (моментално е на 6,5 проценти според анкетите). Во тој случај, центарот на гравитација на коалицијата би се поместил надесно. Мелони повеќе нема да има цврста моќ, а Ванаци би ги засилил своите барања и би можел да се закани со повлекување од коалицијата и одржување нови предвремени избори, доколку Италија не добие одредени отстапки од ЕУ. Тоа би била намерно конфронтациска стратегија насочена кон разбивање на Мелони помеѓу барањата на десничарската гласачка база и ограничувањата наметнати од ЕУ, НАТО и пазарот на обврзници. Сето ова со цел за одземање на гласовите на Браќата на Италија.
Италија би можела да се претвори во деструктивна сила бидејќи Мелони би била принудена да му даде приоритет на сопствениот политички опстанок во таква ситуација. Ова би можело да ја охрабри да заземе поцврст став кон ЕУ, особено при донесување одлуки за Украина, европската одбрана и буџетот, кој во голема мера зависи од согласноста на најголемите членки. Рим, како и Берлин, би се спротивставил на какво било зголемување на идниот буџет на ЕУ, но, како и Париз, би се спротивставил на намалувањата во земјоделството и финансирањето за сиромашните региони на ЕУ. Ваквите несогласувања би ги ограничиле геополитичките амбиции на блокот, а Мелони, под притисок од коалицискиот партнер, би можел да почне да се спротивставува на целта на НАТО за издвојување пет проценти од БДП за одбрана, зголемување на воените трошоци и прифаќање баратели на азил од други земји членки, што би го поткопало пактот за миграција на ЕУ.
Година што не треба да се потцени
Јасно е дека изборите во 2027 година сериозно го доведуваат во прашање постојниот политички консензус, кој ја поддржува европската интеграција. Ризиците не се исти насекаде: претседателството на Ле Пен веројатно е најважно за ЕУ и се чини дека политичката парализа на Германија станува сè потешко да се избегне. Полските избори би можеле да резултираат со умерена влада од десниот центар, но поверојатна е крајно десничарска влада или период на продолжена нестабилност. Патот на Италија е најмалку заканувачки, но влада зависна од Ванаси е сериозна пречка за поширока европска соработка.
Дури и ако сите четири избори не ги донесат најлошите сценарија, последиците за ЕУ се далекосежни. Победата на Ле Пен во Франција, во комбинација со парализата во Германија, создава големи проблеми за самата ЕУ, вклучително и можна криза на пазарот на обврзници во Франција што би можела да се прелее во еврозоната. Доколку Полска и Италија се движат во иста насока, ЕУ би можела да остане без коалиција од големи држави и „мотор“ за справување со растечките безбедносни и економски предизвици.
Најголемата жртва на претстојните промени би била Украина. Товарот на финансиската поддршка за Украина би паднал врз помала група земји членки во северозападна Европа, кои сами не можат да го надоместат губењето на поддршката од големите држави.
ЕУ досега преживеа внатрешни и надворешни кризи затоа што нејзините големи сили на крајот сфатија дека е полесно да ги остварат своите интереси преку соработка и интеграција отколку поединечно. Ризикот во 2027 година лежи во фактот дека изборниот суперциклус би можел да произведе резултати што ја доведуваат во прашање таа практика. Дури и ако остане стабилна, ЕУ би можела да го изгуби фундаменталниот политички консензус што му овозможи на блокот да функционира од неговото основање. Тоа нема да биде формален крај на ЕУ, но би можело да стане почеток на неповратен пад.


































