Фото: Маја Јаневска Илиева

Времето денеска ќе биде облачно, со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни и за 24 часа ќе надминат 30 литри на квадратен метар. На планините врнежите ќе бидат од снег, а попладне, со продорот на постуден воздух од север, дождот на некои повисоки места ќе премине во снег.

Ќе дува умерен ветер, кој во североисточните делови и долж Повардарието повремено ќе се засилува и ќе достигнува силен интензитет, од северен правец.

Минималните температури ќе се движат од 2 до 10 степени, а максималните ќе достигнат од 5 до 12 степени.

Во Скопје ќе преовладува облачно време со повремени врнежи од дожд. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има услови дождот да премине во снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, кој во делови од котлината повремено ќе биде засилен. Температурата ќе се движи од минимални 7 до максимални 8 степени.

Во текот на викендот времето ќе биде облачно и врнежливо. Поради продорот на постуден воздух од север, во некои од пониските места ќе има дожд и снег, додека на повисоките места и на планините врнежите ќе бидат од снег.

На планините се очекува формирање нова снежна покривка до 20 сантиметри, а на повисоките места ќе се формира снежна покривка од 2 до 10 сантиметри.

Во недела, кон крајот на денот, врнежите ќе престанат.

Од понеделник следува стабилизирање на времето, но ќе биде студено.