Да ги слушнеме пријателите што доаѓаат од далеку

Нели е задоволство да се има пријатели што доаѓаат од далеку? На оваа мисла на древниот кинески филозоф Конфуциј, која своевремено ја слушнав во неговото родно место Ќуфу во Кина, се потсетив за време на Меѓународната конференција за поврзаност одржана во Скопје неделава, кога го слушнав терминот конфуцијанизам во контекст на актуелните меѓународни односи и можности за соработка. Нејзиното значење ја надминува првичната порака за добредојде за гости од странство, бидејќи ја содржи суштината на филозофијата што ги става меѓусебното почитување, разбирањето, пријателството и хармонијата во темелите на човечките односи. А баш тие вредности во денешната доба на геополитички тензии, конфронтации и сè подлабоки поделби, можат да бидат значаен потсетник дека иднината треба да се заснова врз меѓусебна соработка и поврзување. Токму од Скопје беше испратена таа важна порака, со цел за дефинирање на поврзаноста меѓу Кина и Европа, преку ставање акцент врз Балканот и Македонија како нејзин домаќин. Притоа повеќемина истакнати гости од Кина, како и учесници од Македонија и од регионот, споделија размислувања за можностите за меѓудржавна соработка и економско, инфраструктурно и технолошко поврзување.
Јасно е дека живееме во свет во кој економиите се испреплетени, синџирите на снабдување ги доближуваат континентите, технологијата ја отстранува географската оддалеченост, а трговијата и инвестициите создаваат цврсти врски. Затоа е важно да се разбере користа од поврзувањето меѓу Истокот и Западот преку патиштата, железници, пристаништа и транспортни коридори, како и преку технологии, инвестиции, но и преку размена на идеи и луѓе. Иницијативата „Појас и пат“ со сигурност претставува еден од најамбициозните обиди за создавање таква поврзаност, со инфраструктурни, трговски и развојни димензии што опфаќаат голем број земји и региони, меѓу кои е и Македонија. Балканот добива особено значење во оваа поширока слика бидејќи е сместен на крстопатот меѓу Европа и Азија, со што има можност да прерасне во важна алка на евроазиските транспортни и економски текови. Но географската положба сама по себе не е доволна за да создаде просперитет, туку треба да се согледа како почетна предност што мора да биде надградена со современа инфраструктура, функционални институции, усогласени прописи и политичка волја за соработка.
Ваквите пораки од конференцијата претставуваат дополнителен поттик за Македонија сериозно да ја разгледа и да ја обмисли својата положба во новото геоекономско преструктурирање. Извесно е дека коридорите 8 и 10, железничкото поврзување со соседните држави, пристапот до пристаништата и интеграцијата во европските транспортни мрежи треба да станат дел од долгорочна национална развојна стратегија. На тој начин земјава има можност да прерасне во логистички, трговски, производствен и технолошки јазол, кој ќе создава сопствена додадена вредност и бенефиции од меѓународното поврзување.
Од клучно значење за реализација на ваквите амбициозни замисли е регионалната соработка. Ниту една балканска држава не може сама да ги искористи сите можности што ги нуди глобалната поврзаност. Потребни се заеднички инфраструктурни проекти, полесен проток на стоки и услуги, усогласување на царинските и административните процедури, поголема мобилност на работната сила и посилно поврзување на научните и образовните институции. Во таа насока треба да се гледаат и односите меѓу Македонија и Кина. Досегашната соработка во која спаѓаат инфраструктурни проекти, инвестиции во индустријата, билатералната трговија, како и образовната и културна размена, покажува дека постојат основи и за нејзино натамошно проширување. Земјоделството, прехранбената индустрија, медицината, туризмот, дигитализацијата и вештачката интелигенција се само дел од областите што би можеле да отворат нови полиња за соработка.
Македонија секако има свои стратешки определби изразени преку членството во НАТО и евроинтеграцискиот процес, но тие не треба да се толкуваат како бариера за развивање односи со други партнери. Напротив, нашата држава треба суверено да разговара, да соработува и да гради корисни партнерства со различни страни, без да ги напушти сопствените принципи и стратешки цели. Соработката со едни не мора да значи оддалечување од други. Малите земји треба да имаат право на избор на партнерства што можат да им донесат конкретни придобивки, секако, доколку тие се во согласност со нивните национални интереси и меѓународни обврски.
Кина е цивилизација со богата историја, но и држава што во последните децении помина низ извонреден економски напредок и модернизација. Спојот на древното и современото, традицијата и технологијата и на историското наследство и модернизацијата е една од нејзините највпечатливи карактеристики. Тоа се согледува и преку влијанието на древната мудрост на конфуцијанизмот во сите аспекти на секојдневниот живот во Кина, а со тоа и во актуелните домашни и надворешни политики на азиската држава. Суштината на учењето на Конфуциј е во можноста различните страни да живеат, да соработуваат и да напредуваат без меѓусебно да се негираат. Ех, колку корисно би било да се разбере оваа порака и да се практикува и на Балканот.
Скопската конференција, оттука, треба да се сфати како повод за многу пошироко размислување за перспективата за Македонија, за можностите што ги носи поврзувањето меѓу државите и за потребата да се изгради сеопфатна развојна стратегија. Древната кинеска мудрост нè потсетува дека пријателите што доаѓаат од далеку можат да го направат светот поблизок и дека од нивните посети и пораки можеме да извлечеме поука. Македонија треба да ја препознае таа можност и да ги отвори вратите за нови партнерства. Бидејќи само така ќе може да ја искористи својата положба како мост меѓу различни економски и културни простори.