Фото. ЕПА

Рускиот претседател Владимир Путин официјално ја воведе атомската подморница „Перм“ во составот на руската Воена морнарица, на церемонија на подигнување на поморското знаме во Северодвинск, на северот на Русија, пренесува ДПА.

Подигнувањето на поморското знаме на воените бродови го означува нивното официјално стапување во служба на руската Воена морнарица.

„Перм“ се очекува да биде првата подморница чие стандардно вооружување ќе вклучува хиперсонични ракети „Циркон“. Таа ќе биде распоредена во составот на Пацифичката флота, каде што ќе учествува во одбраната на рускиот Далечен Исток и арктичките територии.

– Денеска го подигнуваме руското поморско знаме – славното Андреевско знаме – на повеќенаменскиот атомски подводен крстосувач и го примаме овој нов воен брод во составот на Воената морнарица. Ви честитам за овој голем и важен настан на сите што учествуваа во создавањето, опремувањето и тестирањето на оваа атомска ракетна подморница. „Перм“ е веќе петтиот подводен крстосувач од проектот „Јасен-М“ предаден на флотата во последните шест години – изјави Путин.

Рускиот претседател истакна дека Русија е една од ретките држави во светот способни да произведуваат толку моќни атомски подморници, кои, според него, претставуваат оружје со глобален дострел и стратешко значење.

Тој најави дека до 2030 година руската Воена морнарица ќе добие уште пет ракетни подморници.

Путин оцени дека Воената морнарица има исклучително важна улога во гарантирањето на суверенитетот и безбедноста на земјата. Според него, флотата мора да биде подготвена да ги одбива заканите од противникот и да располага со моќен ударен потенцијал.

Посочувајќи дека тактиката на поморското војување се менува, Путин нагласи дека е неопходно постојано усовршување на вооружувањето на подморниците. Русија, како што рече, ќе продолжи да го зголемува нивниот борбен потенцијал и да ги зајакнува своите позиции во светските океани.

Првиот вицепремиер на Русија, Денис Мантуров, изјави дека подморницата „Перм“ е „100 отсто руско производство – од најмалиот шраф до последниот дел“.

Бродоградилиштето „Севмаш“, задолжено за изградбата на подморниците, се наоѓа на брегот на Белото Море, во близина на Архангелск, на околу 1.000 километри северно од Москва.

Русија за првпат ги употреби хиперсоничните ракети „Циркон“ во војната против Украина, која трае речиси пет години. Во текот на конфликтот, Русија загуби неколку воени бродови, а нејзината флота беше принудена да се повлече од западниот дел на Црното Море, потсетува ДПА.