Ислам – бог, сабја, тврдина, ум и џенет

  • Тежок е патот на постоењето. Како го наоѓаш? Со мака! Маката го наоѓа и ти дава ум. Болката е учител. Има ли ум без Господ? И несреќата е ум, најсилен ум пред непостоењето. Прегратката на Алах е среќавање со космосот. Алах ја возвишува смртта на доброљубивиот, а срамно го крвави паѓањето на предавникот. Единствен грев што Алах го милува бескрајно е љубовта, иако таа може да биде смртоносна – Ал Араби ја нарекува „религија на љубовта“. Ако со љубов уништуваш љубов, се соочуваш со бесот на Алах

Оваа тема е експлозија и имплозија заедно – „имплексплозија“. Екстремно важна! Чувствителна! Во инкубација сме. Внимавајте! Читајте двапати. Хипноделична и судбинска. Опчинува. Исламот е светост – ако е чист! Тогаш е дух, „Камил“. Европа е во духовна вонредна состојба. Ако дете се најде сираче и изгубено на патот, надежен пат е да го најде Алах – исламот. „Љубовта кон куќата моја меѓу вас е како бродот на Ное“ (Хадис). Надзнаењето е длабок езотеризам – „Ал Хак“ (veritas sagrada на Рене Генон, Хосеин Наср, Корбен…). Куќите на исламот се „џенет“ (градина на рајот, мир), а џамијата е ходонебесие. Ако си во амбис – верата е јаже. Кој е помоќен – медиумите или религиите? Религиите не ги создаде човекот, туку Бог.
Ќе бидеш таму не по волја своја, туку каде што Тој ќе одреди. Биди горд. Но не преувеличувај, не понижувај го тој до тебе, оти и тој е тело на Бог. Вие сте браќа. Алах рече: „Помни ме Мене, а јас ќе те помнам тебе. Биди благодарен на Мене и не порекнувај ме“ (Куран 2:152). Во еден кошмар глас ми рече „… можеш да влезеш и во црква и во џамија и во синагога… ама едно барам од тебе – да мислиш само на Мене!“ Тежок е патот на постоењето. Како го наоѓаш? Со мака! Маката го наоѓа и ти дава ум. Болката е учител. Има ли ум без Господ? И несреќата е ум, најсилен ум пред непостоењето. Прегратката на Алах е среќавање со космосот. Алах ја возвишува смртта на доброљубивиот, а срамно го крвави паѓањето на предавникот. Единствен грев што Алах го милува бескрајно е љубовта, иако таа може да биде смртоносна – Ал Араби ја нарекол „религија на љубовта“. Ако со љубов уништуваш љубов, се соочуваш со бесот на Алах – тогаш му поставуваш стапица, како антички Бог, а античност е археомногубожество на свеста. Учи го минатото, но не биди ретрофиличен. А има ли нешто пострашно од смртта – непостоењето? – Секако дека има… „транснихилизмот“ – отаде страната на ништото! Желбата за злосторство и да се ништоствува е отаде егзистенцијата. Измамата е „транснихилизам“. Комарот и камата („Риба“) се транснихилизам и во исламот се забранети. Банките за исламот се комар („шарени држави“). „Исламскиот банкинг“ е трансакција, а не заем. Но и злосторството е љубов, зарем не? Мрачноста го убива Бог поради љубомората што наместо само-јас го донел и другиот. Таткоубиство, женоубиство – сето тоа е анимален нагон кон недобиеното од Бога. Модерниот џихадизам што го критикувам јас е љубов поголема, срушена и ништожисана од развратниот себичен брат, Западот. Но тоа не е Алах! Само се кријат зад Алах („царот“ си кажа што е џихад кај нас). Ал Фараби вели: „Незнаењето води кон страв, стравот кон омраза, а омразата кон насилство“. Омразата и љубовта се брат и сестра. Бесрамно се кријат зад Алах. Алах затоа ќе создаде ново чудо. Потсеќаме дека големиот мислител Ал Газали од 11 век го дефинирал џихадот како борба со себе, против своето его со сузбивање на 13 сопствени недостатоци: егоизам, ароганција, вообразеност, себичност, лакомост, страсти, нетолеранција, лутина, лажење, измама, оговарање, клеветење и телесно посакување. Екстремистите се „акција“, а не „вера“. Да ги оставиме овде.

Зборот „Алах“ на арамејски значи „Господ“, па дури истиот тој го користеле и Исус и Евреите („Алаху“, „Елох“, „Елохим“) – сите имаме ист Бог. Ако некој сака да знае за другите религии, не треба слепо да ги следи медиумите и пропагандите, туку прво – да ги чита светите книги и второ – да се дружи со луѓе и фамилии од другите вери. Зошто настанал исламот? Хмммм… ајде да најдеме најпросто објаснение. Замислете две сили што прават историја. Едната сила е природа, а другата е психа – желба за подобро, „комфор“ што бара организираност. Во старо време, во Арапската Пустина имало само „купчиња луѓе“ низ пустината. Малку биле господари, а другите биле робови, питачи, бездомници и талкачи. Поумните талкачи биле трговци. Тие гледале организирани заедници и империи. Еден умен трговец бил Мухамед. Гледал и „снимал“ со умот и, секако, ги видел Византија, Ерусалим и можеби најважно – Назарет, од каде што му дојде аберот дека ќе биде голем водач. Сонуваше дека ќе ги спои Мека (Макораба), Медина (Јатриб) и Ерусалим во еден триаголник како држава. Но таков тесен триаголник е слабост и потребен е круг околу него, а концентричните кругови значат – експанзија. Кругот е и мултиполарноста денес, но да го оставиме тој проблем за другпат.
Од пештерата во Хира излезе и го изрече Куранот. Ги понесе во светот Кадија (сопругата), која знаеше да чита и да пишува, и ќерката Фатима ал Захра („господарка на жени од рајот“), сопруга на Али. Ги поведе и робовите, несреќните и учените воини (разузнавачи) кон светот. Зошто се појави шизмот во исламот? – Можеби поради поголемата брзина на ширењето од прифатливоста. Или поради разлики во фундаментот на изборот на водачот – трансцендентализам (шиити) версус трансматеријализам (сунити). Зошто повеќе луѓе го сакаат исламот од другите вери? „Тој што го сака Бог нема религија, туку само Бог“ (Руми). Во овој свет човек е несигурен, несакан, само материјален, создаден за итреци, коцкари, посебни, а во исламот имаат сигурност. Наскоро повеќе од половина луѓе во светот ќе бидат исламисти. Спиритизмот е лек за пауперизмот. Дали тоа значи опасност за христијанството? – Да, зголемени се христоапостазата (напуштање), христодеградацијата, декаденцијата и „белата смрт“. Мислете! „Молитвата треба да нѐ носи во алтар каде што нема ѕидови и имиња… има ли место на љубовта каде што сувереноста го осветлува ништото“, вели Рабиа од Басра. „Ако луѓето се знаеја себеси, ќе го знаеја и Бог, а ако го знаеја Бог ќе беа задоволни од него и ќе мислеа само на Него“, вели Ибн Араби. „Секогаш внимавај на чувствата на другиот, оти чувствата го кршат срцето… срцето не заборава… чувај го умот со знаење, а срцето со чувства“, од Куранот. Умот е длабочина и подлабоко.

Мула Садра, средновековен исламски егзистенцијалист, велел дека филозофијата е пат кон мудроста, па со голем напор со учење ќе станеш „боголик“. „Знак за љубов кон Бога е љубов кон знаењето, познавањето на формите и на синџирот од причини и последици што доаѓаат од вознемирениот Бог…“, вели Садра. Егзистенцијата („Асалат Вуџуд“) е фундаментална реалност, а есенцијата се ментални структури. Егзистенцијализмот на вистинската вера („иман“) вели дека таа не е слепо наследство, туку следува по длабока криза на сомнежот што чесно бил управуван – не од силата на човечките судири и ужасот на катастрофите, туку од суштината на волјата на Алах. „Мастер-проект 29026“ учи како муслиманите создаваат смисла од „дараса“ (учење – на Идрис) и егзистенцијални поставки – хуманост, општества, ВИ, парите, нуклеарна и други анихилации. Универзумот е во постојано движење и постанување, од најголемите длабочини кон површината – учи Садра. „Сонот не е слика што ја гледаш кога спиеш, тој е она што не ти дава да спиеш“, вели Абдул Калам. Секоја форма почнува од ништо – универзално ништо или засебно – точката е „интимност на ништото“ – сингуларност (Тевхид). Бескрајноста е Бог, избива во духовна форма и ротирачка теселација (мозаиковидни форми) и таа во исламот е Бог, а не декорација. Формализмот „7-7-7“ на Абу Талиб е редослед по години во растот на човекот – емоција, дисциплина, комуникација. Мухамед Маруф Шах (2026) го критикува Камиевиот апсурдизам, а Мухамед Фарук и Мохамед Рустом, излегувајќи од средновековните заокружени дебати – „од божествено кон хумано“, бараат спас од закани и катастрофи. А Шауки Лазхар бара курански одговори за индивидуализмот распнат во технофрагментации. Дерида го руши „туратот“ (наследство), а Талиб вели: „Ништо не го повредува срцето на добриот дух повеќе од живот меѓу оние што не го разбираат“. Збунетост е да поделиш бескрајност со нула – од несфатливост на структурноста на Ал Кваризми и Ал Гаиб или „Била Каифа“ што вели „не прашај како“, па сѐ до теоријата на хаосот денес на Франк Мерле и Игор Мезиќ. Исламодинамиката на урбанизмот е хаос со внатрешен ред, исто како и логиката („Илм ал Мантиг“). За да се заштити умот има правила во теологијата („акида“) и законот („фик“). Погледајте ги Истанбул или Исфахан – геометриски хаос на убавината (в. Стивен Строгац), или Мухамед Мелехи или Шакир ал Саид (види). А Битола? А Охрид – „О’Христо санктифика ме“ – Климентова еманација. И зошто има конфликт со исламот? – Интенционо неразбирање. А правото? Право има во држава со закон и култура кон законот! Законот („фик“) не е метафизика. Во историјата на правото прво е инстинктот, па искуството, па логиката, па сите. Логиката е географија на умот, а искуството е да одиш по многу патишта. Законот е да го помниш и да го користиш најдобриот (праведен и корисен) пат. Логиката (акл, усул, наки) води кон законот („усул ал фик“), а математиката кон мислата и моралот – хармонија на Бог – „Ина Алаха Витр“. Алах е еден, а за мислата на човекот тој е бескрајност.

А бескрајноста личи на нулата – поттикнувач на вечното ново. „Исм ал Адхам“ е најголемото име на Алах, кое е дури и над бескрајност, преку кое човек ги огледува милоста, креативноста и правдата. Кажи „Аллах“ и вибрираш. Ако го повторуваш, хипнотички влегуваш во космички свет. Исламот ја „оживеал“ логиката на Аристотел и Платон, кои Европа ги беше заборавила, а и ја унапреди (Ал Фараби, Ханифа, Ал Араби, Ал Кинди, Авицена, Авероес, Ал Газали, Ал Рази, Ал Сухраварди, Ибн Таимииа, Мухамад Икбал), додека модерните се екстензија на старите – Хамза Карамали, Мухамад Усмани, Шеик Јусуф, Хабиб бин Хафиз, Нуман Али Кан итн. Најстар закон е хјуристиката (инстант, интуиција) – „Усул ал Фик“. По Куранот и Суната таа е „Хикук Алах“ (Господова) и „Хикук ал Ибад“ (индивидуална). Дали е постаро искуството или хјуристиката? – Гледај ги животните, па ќе знаеш! Подоцнежна логика е аналогијата – „Кииас“ (Абу Ханифа, Ибн Анас). Потоа е дедукција-силогизам (Абу Ханифа, Анас, Ал Газали итн.). Потоа – индукција во правото (Авицена, Ал Хазим, Ал Газали, Ибн Калдун, Саид ал Садр, Ханафи-школата). Потоа е и абдукцијата (од многу опции најдобрата – Ал Газали). Седумте станици до совршеноста кај Суфите е „спирална логика“ (Сара Песин). Слично денес е „учењето со поткрепување“ (реинфорсмент лернинг) во ВИ како што е „ибтила“ во исламот – божествена одговорност преку предизвик. Логиката и условите носат закон – шеријат, прво под влијание на предисламот (во Мека, Медина, Византија, кај Сафавидите, во Јемен, Назарет), па Куранот и хадисите со кодифицирање сè до 9 век и „фикх“ (јуриспруденција). Дефинира одбрана на Алах („Тевхид“) и на луѓето. „Муслиманот ги следи Алаховите закони без прашање. Шеријатот е закон. Алах е единствен законодавец“, Абдул Сатар Абу Риша. Христијанската фама против шеријатот е извршноста (егзекуции, „лекс талионис“ – закон на одмазда). Исламот е изумител на математиката. Со малку волја, исламот може да направи „јапонско-кинеско чудо“.
КРАЕН ЗАКЛУЧОК: Исламот дава љубов, а џихадот зема. Тажно е што оние што ги знам презираат чесни муслимани, а ги љубат џихадистите. Не разбирам! Ќе биде доцна кога ќе се разбереме!

Проф. д-р Самуел Колономос Садикарио