Фото: CGTN

Американските воени сили употребиле системи за противдронска одбрана за да пресретнат шест беспилотни летала забележани претходно овој месец над британската воздухопловна база „Лејкенхит“, објави денеска „Фајненшл тајмс“. Според британски и американски официјални лица, инцидентот е поврзан со Иран.

Британското Министерство за одбрана соопшти дека заедно со полицијата на грофовијата Сафолк тесно соработувало со безбедносните сили на американските воздухопловни сили по пријавите за неовластена активност со дронови на 13 ноември во областа на базата „Лејкенхит“.

-Ситуацијата беше брзо ставена под контрола, а во базата беше обновен вообичаениот режим на безбедност и обезбедување – соопшти британското Министерство за одбрана.

Белата куќа и Пентагон сè уште не го коментирале случајот. Непосредно по инцидентот, портпарол на американските воздухопловни сили изјави дека нема повредени воени лица, ниту оштетувања на авионите и инфраструктурата на базата.

Минатиот месец американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека во септември закана поврзана со Иран довела до повлекување на американските бомбардери од „Ферфорд“, друга британска воздухопловна база што ја користат американските сили.

Техеран ги отфрла обвинувањата за вмешаност во инцидентот во „Ферфорд“, како и во други непријателски активности на британска територија.

Британските власти со години го обвинуваат Иран за поврзаност со заговори и обиди за убиства на дисиденти, како и за подготовка на напади врз израелски и еврејски објекти.