ПРАВНАТА ДРЖАВА КАКО ПАРТИСКО-ПОЛИТИЧКА ПАРОЛА
- Лидерот на ДУИ го претставува Законот за употреба на јазиците како историско достигнување, но дали правната држава се брани само кога
законите се во согласност со сопствените партиско-политички интереси?
Ако некој со години се повикува на правната држава, на Уставот и на Охридскиот рамковен договор, тогаш би било логично да се очекува дека токму тие принципи ќе му бидат водилка во сите политички ситуации. Не само кога треба да се заштитат одредени права туку и кога треба да се прифатат критики, да се преиспитаат законски решенија или да се покаже почит кон институциите и државните симболи. Но во македонската политика, за жал, правната држава често се претвора во политичка парола. Некој се повикува на неа кога му одговара, а ја заборава кога нејзините правила ги доведуваат во прашање неговите политички одлуки.
Токму затоа неодамнешното писмо што Али Ахмети го упати до министерот за правда Јетон Шасивари, во кое говори за деградирање на албанскиот јазик и за предавства, всушност отвора повеќе дилеми отколку што можеби самиот автор очекувал.
Имено, Ахмети во писмото го претставува Законот за употреба на јазиците, донесен во 2018 година и стапен во сила во 2019 година, како значаен акт и достигнување во остварувањето на јазичните права на Албанците. Притоа, тој го поврзува законот со амандманот V на Уставот и со Охридскиот рамковен договор, од кој, како што наведува, произлегува и со кој е поврзано ова право.
Се разбира, правото на употреба на албанскиот јазик не е спорно. Тоа е уставно загарантирано право и составен дел од политичката и правната рамка на државата. Никој не може сериозно да го оспорува значењето на јазичните права, ниту потребата тие да бидат соодветно уредени и применувани во институциите. Но начинот на кој тоа право се уредува со закон е клучно, затоа што секој закон треба да биде во согласност со Уставот (се разбира и на Охридскиот рамковен договор, кој е веќе стипулиран во Уставот) и само тогаш може да биде правно беспрекорно решение со што политичката важност вградена во една законска одредба може да ја издржи нејзината правна основаност, применливост и усогласеност со останатиот правен поредок.
Кога политичкото достигнување станува правен проблем
Според добри познавачи на уставните практики, ако Ахмети толку многу се грижел за правната држава, тогаш би било логично да се потсети и на сите забелешки што беа упатени во врска со Законот за употреба на јазиците.
– Венецијанската комисија, советодавно тело на Советот на Европа за уставни прашања, во своето мислење од 2019 година не ги оспори јазичните права на Албанците, но предупреди на сериозни проблеми во одредени законски решенија. Нејзините забелешки се однесуваа на правната јасност, на практичната применливост на одредени одредби, како и на можните последици врз функционирањето на судството. Меѓу другото, комисијата оцени дека одредени обврски предвидени со законот би можеле да создадат нереални очекувања и да го забават функционирањето на судските постапки. Таа препорача преиспитување конкретни одредби, особено оние што се однесуваат на употребата на јазиците во судството – потсетуваат познавачите.
Тие додаваат дека сега, кога Ахмети повторно зборува за правната држава, неизбежно се поставува прашањето што се случи со тие препораки и дали политичките сили што го претставуваа законот како историско достигнување покажаа подготвеност да ги прифатат забелешките на европските правни експерти? Или, како што нагласуваат, политичката потреба да се зачува сопственото наследство беше поважна од потребата да се создаде правно издржано и долгорочно решение.
– Правната држава не подразбира само донесување закони. Таа подразбира и почитување на правните процедури, на уставните принципи, на институционалните проверки и на критиките што доаѓаат од релевантни правни тела. Во спротивно, законите се претвораат во политички симболи, а институциите во декор за потврдување на однапред донесени политички одлуки. А токму тоа е една од најголемите слабости на македонската политика – тенденцијата секое политичко решение да се прогласува за историско достигнување, без притоа да се остави простор за негово критичко преиспитување. Наместо да се бараат издржани, јасни и применливи решенија, често се создава впечаток дека најважно е политичкиот чин да биде прогласен за победа. Дури потоа, кога ќе се појават проблемите во практиката, институциите треба да се снаоѓаат со последиците – потенцираат соговорниците.
Тие се категорични дека правната држава не може да функционира врз принципот дека политичарите имаат право да донесуваат закони, а институциите се должни да ги решаваат проблемите што тие закони ги создаваат.
– Ако еден закон отвора сериозни правни дилеми, тогаш неговото преиспитување не е напад врз правата на една заедница. Напротив, тоа е обврска кон сите граѓани, вклучително и кон оние чии права се уредуваат со него. Затоа, критиката на Законот за употреба на јазиците не треба да се претставува како оспорување на албанскиот јазик. Тоа е лажна дилема што премногу често се користи во политичкиот дискурс. Правото на употреба на албанскиот јазик може и мора да биде заштитено, но тоа не значи дека секое законско решение што го уредува е недопирливо. Впрочем, ако правната држава навистина е целта, тогаш правната сигурност треба да биде интерес на сите. И на Албанците, и на Македонците, и на сите други граѓани што очекуваат институциите да функционираат без правни нејаснотии и непотребни административни пречки – заклучуваат добрите познавачи на уставните практики.
Меѓу реториката и практиката: ЕУ инсистира на расчистување на случаите на воени злосторства во контекст на евроинтеграциите (1)
Хашките случаи и одговорноста
Кога Али Ахмети денес зборува за правната држава, не може да се избегне и едно многу понепријатно прашање – неговото милитантно-политичко минато полно со настани на политичко насилство и екстремизам.
Како дел од раководството на ОНА, Ахмети беше еден од клучните политички актери во конфликтот во 2001 година, по кој беа отворени и хашките предмети поврзани со сомневања за воени злосторства. Наместо тие случаи да добијат целосна и транспарентна судска разврска, нивното враќање во Македонија и подоцнежните политички одлуки отворија сериозни сомневања дека одговорноста повторно била ставена во рацете на политичките пазарења.
– Хашките предмети, кои се однесуваа на сомнежи за злосторства против цивили и воени заробеници, беа предмет на сериозни правни и политички контроверзии. Нивното затворање во Македонија, преку амнестијата и подоцнежните законски толкувања, остави отворено прашање за тоа дали правдата навистина беше задоволена или беше жртвувана во име на политичката стабилност. Токму во овој дел се отвора дилемата дали правната држава, на која Ахмети толку често се повикува, важеше еднакво и кога требаше да се обезбеди независно судско расчистување на обвиненијата за воени злосторства. Притоа, воопшто не станува збор за предвремено прогласување виновници, туку за фактот дека политичката одговорност на човек што бил дел од раководството на ОНА не може да се избрише со повикување на правата и придобивките што произлегле од конфликтот. Правната држава не може да биде принцип само за барање права, а да стане предмет на политички компромис кога треба да се утврди одговорност – сметаат правни експерти од областа на меѓународното право.
Според нив, ако политичките пазарења можеле да бидат прифатливи кога станувало збор за хашките случаи, тогаш со какво право денес се бара безусловно почитување на правната држава од другите.
– Токму тука се гледа проблемот со политичката селективност. Правдата не може да биде важна само кога се однесува на противниците, а да стане непријатна тема кога се отвораат прашања за сопственото политичко минато – истакнуваат нашите соговорници, правници и адвокати во областа на меѓународното право.
Уставот, државните симболи и доследноста
Дилемите не завршуваат со законот и со хашките случаи. Ахмети во своите политички настапи често се повикува на Уставот, на институционалниот поредок и на Охридскиот рамковен договор. Сепак, правната држава не е составена само од одредбите што ги гарантираат правата на етничките заедници туку таа подразбира и почитување на државните симболи, на институциите и на уставниот идентитет на државата.
– Државните симболи не се предмет на политичко расположение, односно тие не се декорација што може да се прифаќа или игнорира во зависност од дневнополитичките интереси. Тие се дел од заедничкиот институционален простор и од државата во која живеат сите граѓани, вклучително и во западниот дел на земјата каде што ова постојано се игнорира. Ако Ахмети смета дека правната држава мора да се почитува, тогаш истиот принцип треба да важи и кога станува збор за државните симболи. Не може да се бара доследно почитување на Уставот во едни области, а да се релативизира неговото значење во други – нагласуваат соговорниците.
Според нив, тука се поставува и прашањето за политичката одговорност имајќи го предвид фактот дека Ахмети со години беше еден од највлијателните политички актери во земјата.
– Неговата партија учествуваше во многубројни владини коалиции, имаше влијание врз институциите и учествуваше во креирањето на законските решенија што денес се претставуваат како политичко наследство. Затоа, кога тој зборува за правната држава, не може да се однесува како политичар што само ги коментира состојбите од страна. Неговата политичка одговорност е многу поголема. Тој треба да одговори и за тоа како биле донесувани законите, како биле разгледувани забелешките на правните експерти и дали институциите добиле можност да ги спроведуваат законските обврски на реален и одржлив начин. Очигледно тој Закон за јазиците што се протурка набрзина, без да се испрати на мислење до Венецијанската комисија, генерира проблеми и актуелната власт се обидува да изнајде решение што ќе ги отстрани тие пречки и ќе овозможи функционалност на законот во согласност со европските практики – констатираат соговорниците.
Уште прецизираат дека Охридскиот рамковен договор не беше создаден за да стане бесконечен извор на политички препукувања.
– Неговата суштина беше да се создаде стабилна држава, во која различните етнички заедници ќе ги остваруваат своите права, но истовремено ќе ја споделуваат одговорноста за функционирањето на институциите. Тоа значи дека правата и обврските не можат да се раздвојуваат. Не може да се бараат гаранции од државата, а да се заборави дека државата подразбира и почитување на нејзиниот правен поредок. Затоа, можеби е време политичките лидери да престанат да ја користат правната држава како реторичка алатка. Таа не е партиска сопственост, ниту политичко наследство што може да се брани од критики. Таа е заедничка обврска. Ако Ахмети навистина сака да зборува за правната држава, тогаш треба да покаже дека е подготвен да ги прифати и нејзините непријатни прашања. Да одговори зошто забелешките на Венецијанската комисија не беа повод за суштинско преиспитување на законот. Да објасни зошто политичките достигнувања често се ставаат над правната сигурност. И да покаже дека почитувањето на Уставот подразбира и почитување на државните симболи. Во спротивно, повикувањето на правната држава ќе остане само уште една политичка формула – доволно звучна за да се користи во писма и јавни настапи, но недоволно убедлива кога треба да се примени во практиката. Зашто правната држава не се докажува со тоа колку често се спомнува Уставот, туку со тоа колку доследно се почитува. И токму во таа доследност се гледа разликата меѓу политичката реторика и вистинската одговорност – заклучуваат нашите соговорници. С.Т.
(Продолжува: Бриселската декларација од 25 ноември 2026 година, усвоена на самитот на ЕУ за Западен Балкан, во точката 4 се осврнува на предизвикот со „величањето на воените злосторници, негирањето на геноцидот и историскиот ревизионизам“ и констатира дека тие се „во спротивност со најосновните европски вредности“, алудирајќи на ставот дека доколку не се расчистат овие предизвици во рамките на принципот на владеење на правото, тогаш нема да биде исполнет условот за евроинтеграција…)
































