Синоќа, на малата сцена во велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“, премиерно беше изведена претставата „Кога земјата молчи“, авторски проект на актерката Весна Димитрова Бобевски.
Станува збор за монодрама создадена врз основа на култниот македонски роман „Пиреј“ на Петре М. Андреевски, во која, преку уметничката визија на актерката, на специфичен начин е обработен ликот на главната хероина Велика.

Очигледна беше емотивната разбрануваност кај публиката, предизвикана од големата моќ за трансформација на актерката, која се претопи во ликот на хероината и на гледачите им подари бескрајно богата палета чувства.
– Во време на современо лудило, Весна Димитрова Бобевски нè врати во минатото, во време на војни, глад, страдања и смрт. Болката на Велика се прелеа во публиката, а Весна ја проживеа пред нашите очи. Нè остави со грутка во грлото и тишина што зборуваше повеќе од аплаузот. Маестрално! – гласи еден од коментарите на гледачите по завршувањето на претставата.
– Весна вели дека со години ја носела Велика во себе. На сцената го почувствував тоа во нејзиниот глас и во тишината меѓу зборовите. Нè држеше без здив од првиот до последниот миг. А кога ги видов солзите на жените околу мене, си помислив дека можеби секоја од нас во Велика препозна некоја своја – мајка, баба, а можеби и себеси – гласи друг коментар.
Актерката Весна Димитрова Бобевски, на претходно одржаната прес-конференција, ја образложи својата уметничка потреба за создавањето на монодрамата.
– За мене ова е завет кон себеси, завет кон професијата, завет кон публиката и, главно, завет кон нашите баби, прабаби, кон нашите предци, на кои сакав да им дадам глас, да им оддадам почит за она што го преживеале, за она што го истрпеле, за денес ние да постоиме, за она што го направиле за да ни го зачуваат јазикот, да ни ја сочуваат земјата, да создадат историја. Велика е архетип на македонската мајка. Станува збор за длабока, интимна исповед. Велика не треба да се глуми, таа треба да се живее на сцената. Се обидов моето тело, мојот глас и мојот здив да ѝ ги позајмам на Велика. И се надевам дека успеав – рече актерката.
Таа додаде дека ликот на Велика ја „прогонува“ цели четириесет години, а сега созреал моментот да го донесе на сцената.
– Со годините, со моето животно и актерско искуство, со сите човечки судбини и емоции што ги носи животот, делото сè подлабоко се вкоренуваше во мене, сè додека не дојде моментот да добие свој сценски облик. Затоа оваа монодрама за мене не е само претстава што ја подготвував, туку една долгогодишна внатрешна потреба, уметнички сон што созреваше четириесет години и конечно доби глас преку Велика – вели Димитрова Бобевски.
Претставата својата меѓународна премиера ја имаше во октомври годинава, на 31. издание на Меѓународниот фестивал „Исола деи театри“ во градот Сасари, на островот Сардинија во Италија, каде што Весна Димитрова Бобевски ја доби наградата за најдобра актерка на фестивалот.
Се очекуваат изведби во повеќе места низ Македонија, како и учество на повеќе домашни и меѓународни фестивали. Ф.Д.

































