Колоризација и обработка Дејан Јовески - „Нова Македонија“

МИСТИЧНА МАКЕДОНИЈА – МУЗЕЈ ПОД ОТВОРЕНО НЕБО

  • Инспириран од неодамнешните предавања и презентации, веќе имам напишано над 20 приказни за деца и возрасни, за кои се надевам дека ќе добијат анимирана или играна екранизирана варијанта. Истите тие се подготвуваат за објавување во две збирки – „Овчеполски приказни“ и „Приказни од Македонија“. Како и претходно така и во ова продолжение од фељтонот „Мистична Македонија“, кој редовно се објавува секоја сабота на страниците на „Нова Македонија“, ви пренесувам неколку приказни од моите збирки. Македонија е приказна што никогаш нема да престане да биде раскажувана…

Рудина ги чува спомените за Гоце Делчев

Пролетта доаѓаше кон својот крај, со тоа и денот стануваше потопол, а полето беше расцутено во сиот свој сјај. Поминувајќи го старото Рецко – Раетско Маало, дедовците и внукот почнаа да го искачуваат ридот Рудина, движејќи се кон месноста Вакав.
„Во оваа куќа ли живееле, свате?“
„Зад оваа куќа имаше поголема, сега е срушена. Таму живееја. Старите кажуваа дека баш таму се криел Гоце…“
„За кој Гоце зборувате?“, детето се вмеша во муабетот.
„Овде имало една стара куќа во која живеела овчеполска фамилија, нејзините членови му биле јатаци на големиот учител Гоце Делчев. Како и повеќето староседелци, веќе одамна се иселени…“
„Гоце Делчев доаѓал во нашето гратче?“
„Да, внучко“, истовремено рекоа двајцата дедовци додека се искачуваа на висорамнината.
„Оној рид се вика Богословец. Таму, во истоименото село, Гоце доаѓал во училиштето и на народните собори“, рече учителот покажувајќи со десната рака кон ридот, кој се гледаше на хоризонтот.
„Тоа на почетокот, додека бил учител во Штип, свате. Од тие времиња нашите Овчеполци му биле и курири“.
„Така, а потоа кога поминувал, се криел кај јатаците во неколку села и баш во старата куќа за која зборувавме“.
„Се криел ли од аскерот?“, праша внукот, гледајќи кон ридот во далечината.
„Ехее…“, воздивна новинарот.
„Од аскерот и од домашните кодоши, дете“, рече учителот и тргна.
Старците продолжија по удолницата, а детето уште стоеше гледајќи кон ридот Богословец.
„Е баш од таму каде што си застанал, ги пукавме Германците!“, викна новинарот, продолжувајќи надолу.
„Дедоовциии, чекајте!“
Детето почна да трча по удолницата, викајќи по дедовците…


Дедо Иљо Малешевски и горското царство на македонските јунаци

Внукот си ја пишуваше домашната задача, а дедото полнеше тетратка со неговиот ситен, неразбирлив ракопис, кој повеќе наликуваше на докторски рецепти отколку на учителски записи. Во малото собиче со низок таван, преполно со книги и црно-бели фотографии од предците, на радиото беше пуштен првиот канал, каде што свиреше македонска народна музика.
„Ајде, ред се редат, мале,
Кочански сејмени,
Ајде, ќе го барат, мале,
Иљо арамија…“
„Што се тоа сејмени, дедо?“
„Тоа биле жандармите на турската власт, внучко“.
„А, кој бил Иљо арамија, што крадел?“
„Тој Иљо за кој се пее во песнава бил повеќе од арамија, херој“.
Народната песна продолжуваше, опишувајќи како Иљо не бил покрај Крива Река, туку чак во Солун, седнал во ладна меана каде пил вино ем ракија и го служила мома Македонка…“
„Дедо Иљо Малешевски“, учителот ја отвори фиоката, вадејќи еден стар тефтер и почна да бара нешто помеѓу страниците.
„Малешевски? Па нели е тоа кај Берово?“
„Од таму бил. Голем јунак, последниот македонски ајдутин“.
„Ајдутин, арамија – крадец?“
„Не синко. Борец за слобода и човечки правдини. Исклучителен војник, чесен човек и голем Македонец. Имал и воени одликувања од неколку армии“.
„Е па, што значи ајдутин?“
„Тоа се нашите народни херои од едно заборавено време… ајдутите биле горски одметници, оставале семејства и домаќинства за да се борат за послабите и да ги напаѓаат посилните. Ги палеле и краделе беговите и агите, одмаздувале неправди нанесени на народот, враќале грабани моми, дури подигнале и неколку востанија…“
Песната си свиреше од радиото, продолжувајќи ја приказната за сејмените и дедо Иљо Малешевски. Кога го разбрале клетите шпиони, сејмените ја сардисале ладната меана, па кога видел Иљо арамија, почнал да вади бомби и патрони…
„Еве го дедо Иљо Малешевски“, рече учителот, вадејќи стара фотографија од тефтерот и подавајќи му ја на внукот.
„Страшен…“
„Е страшен синко, страшен бил и за тоа време. Од таква фамилија, дури бајракот на дружината го носела сестра му“.
„Зошто последниот македонски ајдутин, немало ли такви јунаци после него?“
„По неговото време и меѓународните договори на штета на Македонија, народот започнува малку поинаква борба“.
„Каде се собирале тие ајдути, дедо?“
„Ајдутите од Ѓурѓовден до Митровден биле излезени на борба, се организирале во дружини, на чело на секоја си имале војвода, дружините од еден регион се криеле по ридовите и шумите, се собирале на годишни собори во горите, каде си имале горски цар“.
„Ајдутите имале цар? Значи имале свое царство?“
„Нивното царство била гората, синко. Гората со спомени од далечното минато. Не биле само борци, туку знаеле многу старински работи. Од Митровден до Ѓурѓовден се повлекувале во старите пештери или кај јатаците“.
„Што се тоа јатаци?“
„Тоа се луѓе од народот што им овозможувале на ајдутите скришно место за спиење и храна преку зимата“.
„Тука имало ли сејмени, ајдути и јатаци?“
„Имало. Многу Овчеполци биле во тие дружини, а знаеме и за наши што биле со дедо Иљо.“
„А зошто од Митровден до Ѓурѓовден?“
„Многу сакаш да знаеш. Ја заврши ли домашната?“
„Не. А само мажи ли биле ајдути, жените се бореле или носеле бајраци?“
„Жените биле големи јунаци во тоа време. Имало една осоговска царица, познатата Румена војвода. Во Овче Поле преку летото доаѓале аргати од соседните краишта за да работат, а доаѓала и Румена. Еднаш ги преплашила сејмените кога ѝ дале да пукне со пушка, стрелала подобро од нив, а на народните собори оро играла поубаво од сите моми. Страшна била Румена… Имало и една Сирма војвода, и уште многу жени херои за кои се изгубил споменот“.
„Пред колку време било тоа, дедо?“
„Пред век и кусур, синко. Ајде, заврши ја домашната и да се качуваме, баба ти нè чека за ручек“.
На радиото продолжуваше истиот вид народна музика, а во песната се пееше– каде се чуло, видело, мома војвода да биде на цела дружина…

М-р Никола Ристевски

(продолжува)