Фото: Александар Николоски/Фејсбук

Со забрзувањето на изградбата на автопатот Прилеп-Битола се отвораат околу 1.200 нови, добро платени работни места за градежни и сообраќајни инженери, геодети, технички и лаборантски кадар, оператори на градежни машини, возачи и други работници, изјави денеска заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски на саемот за вработување во Прилеп, организиран од „Бехтел и Енка“.

Како што посочи, проектот претставува голема можност за младите кои завршуваат градежни или архитектонски факултети, за инженерите, но и за квалификуваните и неквалификуваните работници да се вработат и да стекнат искуство и знаење во рамки на изградбата на автопатот.

– Со забрзување на динамиката на изградба на автопатот Прилеп-Битола се отвораат околу 1.200 нови работни места, односно можност за вработување на околу 1.200 луѓе, што за целиот Пелагониски Регион претставува огромна можност. Многу луѓе ќе можат да најдат работно место, но и да стекнат искуства и знаења кои ретко се добиваат, бидејќи не се гради секој ден автопат. Станува збор за градежни и сообраќајни инженери, геодети, технички и лаборантски кадар, оператори на градежни машини, возачи, квалификувани и неквалификувани градежни работници – рече Николоски.

Саемот за вработување ќе трае неколку дена, а Николоски нагласи дека „Бехтел и Енка“ е конкурентна градежна компанија во земјава, како во однос на знаењето и искуството, така и во однос на понудените плати.

– Ова е само почеток, прв ден, а можноста ќе биде отворена. Повторувам, се отвораат 1.200 работни места. Двете компании, „Бехтел“ и „Енка“, се меѓу најдобрите кога ќе се погледне просекот на исплатена месечна нето-плата. Просекот за 2025 година е 137.000 денари, а кај нив нема плата под 60.000 денари. Станува збор за исклучително добро платени работни места, па би сакал да ги мотивирам жителите на Прилеп, но и на општините Могила, Новаци, Росоман, Кривогаштани, Крушево, Демир Хисар, Ресен и Битола да аплицираат и да го најдат своето работно место, имајќи предвид дека во наредните три години ќе има интензивни активности – потенцира Николоски.

Николоски, заедно со претставници на „Бехтел и Енка“, директорот на ЈП за државни патишта Коце Трајановски, заменик-министерот за економија Марјан Ристески и пратеници, ги презентираа можностите и условите за вработување, како и динамиката на изградба на автопатот Прилеп-Битола.