Повеќе од 650 пријавени бизнис-идеи на натпреварот на Brainster Next се показател дека образовниот систем ги поттикнува младите да размислуваат претприемачки, оцени министерката за образование и наука Весна Јаневска при посетата на натпреварот за бизнис-идеи на средношколци, пренесе МИА.
Јаневска истакна дека натпреварот ги обединил учениците од јавните и приватните средни училишта во земјава и им овозможува да ги покажат своите знаења, креативност и иновативност.
-Станува збор за натпревар на кој младите луѓе покажуваат креативност, логично и критичко размислување, иновативност, но и желба за натпреварување. Особено ме радува нивната самодоверба и храброст да застанат зад своите идеи – истакна Јаневска.
Според неа, ваквите настани се значајни за препознавање и промоција на младите таленти и нивниот претприемачки потенцијал. Таа изрази задоволство што организаторите, заедно со други инвеститори, обезбедуваат поддршка за најдобрите идеи, со можност тие да прераснат во мали бизниси, сопствени брендови или да најдат примена во постојни компании.
Осврнувајќи се на улогата на образовниот систем во развојот на претприемачкиот дух кај младите, Јаневска оцени дека интересот за натпреварот покажува оти учениците се охрабруваат да размислуваат иновативно и да бараат решенија за реални предизвици.
-Самото присуство на повеќе од 650 идеи кои аплицирале на овој натпревар кажува дека системот сепак ги насочува во тој правец – нагласи Јаневска.
Таа им посака успех на финалистите и изрази уверување дека младите и во иднина ќе продолжат да развиваат претприемачки идеи што ќе придонесат за нивниот личен развој, но и за развојот на општеството и државата.
Петар Ниновски од Brainster оцени дека интересот за годинашниот натпревар е значително поголем во однос на минатата година, при што бројот на пријавени проекти е зголемен за околу 40 проценти.
Тој посочи дека од повеќе од 600 пристигнати идеи бил спроведен повеќестепен процес на селекција, при што биле избрани 60 најдобри тимови. Проектите опфаќале различни области, меѓу кои здравство, образование, финансии и технолошки решенија за компании.
Ниновски посочи дека минатогодишниот победнички тим од Битола, составен од ученици од три различни средни училишта, веќе има функционален бизнис и остварува приходи од идејата во која било инвестирано.
-Идејата што ја поддржавме минатата година денес е претворена во бизнис. Учениците сè уште се средношколци, а веќе генерираат приходи и го развиваат својот проект – истакна Ниновски.
Тој додаде дека Brainster и оваа година ќе инвестира во најдобрата бизнис-идеја, а успешноста на изборот ќе се оценува во периодот што следува, преку развојот на проектот и неговата примена на пазарот.

































