Повеќе случаи на семејно насилство биле пријавени во Охрид, Тетово, Кочани, Неготино и Прилеп, при што во дел од случаите мажите биле лишени од слобода, а против други ќе бидат поднесени соодветни пријави, информира Министерството за внатрешни работи.
Деветнаесетгодишна жена од охридско пријавила дека во домот на нејзиниот невенчан сопруг во Охрид била физички нападната од него и од неговите родители. Полицијата презема мерки за расчистување на случајот, по што ќе следува соодветна пријава.
Во Тетово, 40-годишен маж бил лишен од слобода по пријава дека физички ја нападнал својата 27-годишна вонбрачна сопруга, ја принудувал да оди со други мажи и да не се враќа дома без пари, а средствата што ги добивала од питачење морала да му ги предава. За случајот бил известен Центарот за социјални работи, кој ќе се погрижи за нејзино сместување, додека против осомничениот ќе следува соодветна пријава.
Во Кочани е поднесена кривична пријава против 33-годишен жител поради сомнение за кривично дело „загрозување на сигурноста“. Тој, според пријавата, физички ја нападнал сопругата и ѝ упатувал закани.
Во Неготино, 42-годишен маж бил приведен по пријава дека физички го нападнал својот малолетен син, при што употребил метален предмет. За случајот биле известени јавен обвинител и Центарот за социјални работи.
Во Прилеп, пак, бил лишен од слобода 30-годишен жител на село во Кривогаштани, по пријава дека упатувал закани кон својата 19-годишна сопруга.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на сите случаи, по што против осомничените ќе бидат поднесени соодветни пријави.



































