Почина Мојсо Мојсовски, долгогодишен новинар и уредник во Македонското радио. Мојсовски остави длабока трага во историјата на Македонското радио – Радио Скопје и во македонското новинарство.
Тој е роден на 8 септември 1948 година во Скопје. Мојсовски целиот работен век го помина во Македонското радио, извршувајќи повеќе одговорни функции. Особено ќе остане запаметен како уредник на дескот, но и како уредник и водител на „Пладневниот радиовесник“, една од препознатливите информативни емисии на Македонското радио.
Со својот професионализам, новинарско искуство и посветеност на работата, беше дел од новинарскиот идентитет на радиото и од секојдневието на многу слушатели.
Професионалниот пат го однесе и во македонската редакција на „Дојче веле“, каде што, исто така, го вложи своето новинарско знаење и искуство.
Мојсовски беше ментор и учител на многу генерации помлади новинари. Тие од него учеа не само како се подготвуваат и водат вести, туку и што значат професионалната одговорност, точноста, посветеноста и почитта кон новинарската професија.
Неговата љубов кон Скопје беше уште едно важно обележје на неговиот живот. Како човек длабоко приврзан за родниот град, автор е на книга посветена на Скопје, објавена во неколку изданија, во која низ лични сеќавања и реминисценции ги бележеше некогашните ликови, улици, духот на градот и промените низ времето.
Тоа беше негов начин да го зачува градот што го паметеше и го сакаше, но и да го доближи до оние што не го доживеале таков.
Долги години беше активен и во Одборот на скопските бадникари, потврдувајќи ја својата приврзаност кон традицијата, градот и скопјани.
Со заминувањето на Мојсо Мојсовски, Македонското радио губи свој долгогодишен новинар и уредник, а многумина од неговите колеги – човек од кого учеле, со кого работеле и со кого ги споделувале годините поминати во редакцијата.
Зад него остануваат професионалната трага, спомените на колегите и гласот што со години беше дел од секојдневието на многу генерации радиослушатели.
Последното испраќање на Мојсо Мојсовски ќе биде во вторник, 1 декември. Опелото ќе се одржи во капелата во 11 часот, а погребот ќе биде во 12 часот, пренесува МИА.


































