Иран ги користел сателитските интернет-услуги „Старлинк“ на „СпејсИкс“ за напади врз американските сили, откако САД и Израел започнаа напади врз Иран, објави весникот „Вашингтон пост“, повикувајќи се на извори запознаени со ова прашање.
Извршниот директор на „СпејсИкс“, Илон Маск, се разбеснил кога дознал за два случаи на неовластена употреба на „Старлинк“, кои неговиот тим ги поврзал со дејствувањето на Иран против американските сили, објави весникот, повикувајќи се на две лица запознаени со внатрешните дискусии во компанијата.
Маск бил информиран и дека американската војска користи воена верзија на „Старлинк“, наречена „Старшилд“, за управување со беспилотни летала за еднократна употреба, но со поевтин пакет услуги наменет за копнени операции, изјавил еден од изворите за „Вашингтон пост“.
„СпејсИкс“ и иранското Министерство за надворешни работи не одговориле веднаш на барањето на Ројтерс за коментар.
Весникот пишува дека употребата на „Старлинк“ од страна на иранската војска е опишана во класифициран извештај доставен до американскиот министер за одбрана, Пит Хегсет.
Министерството за одбрана на САД соопштило за Ројтерс дека не е запознаено со постоењето на таков извештај испратен до канцеларијата на министерот за одбрана.
Употребата на „Старлинк“ во области зафатени со геополитички конфликти, надзорот врз системот од страна на американската влада, како и неговата неовластена употреба од субјекти под санкции, се под засилен јавен надзор во контекст на војните во Украина и Иран.
„Старлинк“ нема лиценца за работа во Иран, но Маск претходно изјавил дека услугата е активна во земјата.
Во периоди на немири, иранските власти го прекинувале пристапот на граѓаните до интернет, вклучително и за време на јануарските протести низ целата земја, во кои имало жртви.
По тие протести, американската влада, според „Волстрит џурнал“, прошверцувала илјадници терминали на „Старлинк“ во Иран.
Иранските власти спроведуваат строга контрола врз пристапот до интернет откако САД и Израел го започнаа сегашниот конфликт со Иран кон крајот на февруари.
































