Фото: Анастасовски Горан

Најниската температура утрово е измерена на Попова Шапка, каде што се регистрирани минус шест степени, а минус пет степени се измерени во Маврови Анови. Во Крива Паланка, Крушево и Лазарополе температурата изнесувала минус три степени, додека минус два степени се измерени во Берово.

Минус еден степен е измерен во Тетово и Куманово, а нула степени во Скопје-Петровец, Скопје-Зајчев Рид, Охрид, Претор, Битола, Прилеп, Велес, Виница, Кавадарци и Демир Капија. Во Штип е измерен еден степен, во Струмица два, а најтопло утрово било во Гевгелија, со три степени, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Најголемо количество врнежи во изминатите 24 часа, заклучно со 7 часот утрово, е регистрирано во Пожаране, каде што наврнале 42 литра на квадратен метар. Во Демир Капија се измерени 35 литри, а во Струмица и Маврови Анови по 34 литри на квадратен метар.

На Попова Шапка наврнале 33 литри на квадратен метар, во Претор 31, во Битола 30, во Берово 27, во Крушево 25, а во Гевгелија 24 литри. Во Охрид се измерени 22 литра, во Велес 16, во Крива Паланка 15, во Виница 14, во Тетово 13, во Скопје-Петровец и Прилеп по 11, а во Скопје-Зајчев Рид, Штип и Тополчани по 10 литри на квадратен метар. Во Лазарополе се измерени девет, а во Кавадарци два литра на квадратен метар.

Највисоката снежна покривка во 7 часот е измерена во Маврови Анови, каде што достигнала 28 сантиметри, додека во Крушево изнесувала 27 сантиметри. На Попова Шапка снежната покривка е 18 сантиметри, во Лазарополе 15, во Тетово 10, во Куманово девет, а во Тополчани осум сантиметри. Во Берово и Битола има пет сантиметри снег, во Крива Паланка четири, а во Скопје-Петровец е измерен еден сантиметар снежна покривка.

Времето денеска ќе биде облачно, со повремени локални врнежи од снег, а во пониските места, особено долж Повардарието, ќе има врнежи од дожд и снег. Кон крајот на денот врнежите ќе престанат. Ќе дува умерен ветер од северен правец, кој наместа долж Повардарието повремено ќе засилува. Максималната температура ќе се движи во интервал од минус еден до пет степени.

Во Скопје ќе биде облачно, со повремени врнежи од снег, кои ќе престанат попладне. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, кој во делови од котлината повремено ќе засилува. Максималната температура ќе достигне два степена.