Судири меѓу полицијата и демонстрантите денеска повторно избувнаа во Тирана, во рамки на најновиот од серијата антивладини протести на кои илјадници граѓани бараат оставка од премиерот Еди Рама.
Полицијата употреби солзавец и водени топови за да ги растера демонстрантите, кои возвраќаа со фрлање камења и дрвени стапови, а кршеа и улични камери и прозорци на владините згради.
Во Тирана пристигнаа незадоволни граѓани од целата земја, но и од странство, за да учествуваат на протестот, кој се совпадна со одбележувањето на 114-годишнината од прогласувањето на независноста на Албанија. Денот традиционално се одбележува со национални прослави и е државен празник.
Полицијата беше распоредена на главните патишта што водат кон престолнината, каде што вршеше проверки на возилата.
-Политичките партии што постојат во Албанија од падот на комунизмот во 1990 година повеќе не претставуваат никого – изјави 33-годишен демонстрант кој пристигнал на протестот од Велика Британија.
-Тие треба да го отворат патот за нова генерација интелектуалци и луѓе кои имаат поголема улога во иднината на земјата – рече тој.
Денешниот протест е дел од серијата демонстрации што започнаа кон крајот на мај, првично предизвикани од противењето на луксузен туристички проект на јужниот албански брег, поврзан со инвестициска фирма основана од Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп.
Протестите станаа познати како „Движење Фламинго“, поради фламингата за кои се верува дека ќе бидат загрозени од проектот. Во септември следуваа и студентски протести, од кои повеќето беа проследени со насилство. Студентите бараат подобро образование и повисок животен стандард, а главното барање на демонстрантите во меѓувреме се прошири и тие сега бараат оставка од премиерот Рама.
Демонстрантите скандираа „оставка“ додека се собираа на плоштадот Скендербег.
И помладите и постарите учесници на протестите велат дека се надеваат на промена на системот и крај на корупцијата.
































