Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека рускиот претседател Владимир Путин сè уште не донел одлука дали ќе патува во САД за да учествува на самитот на лидерите на Г20.
„Не, одлуката сè уште не е донесена“, изјави Песков за руските медиуми, пренесе „Ројтерс“.
Самитот на Г20 ќе се одржи на 14 и 15 декември во Мајами, а САД испратиле покана до рускиот претседател да учествува на состанокот.
Путин претходно изјави дека ќе донесе одлука за патувањето во САД во зависност од ситуацијата во Русија.
Истовремено, тој нагласи дека Москва, без оглед на неговото евентуално присуство, ќе биде претставена на високо ниво.
Американскиот претседател Доналд Трамп претходно изјави дека не знае дали Путин ќе присуствува на самитот, но потврди дека можноста за негово учество сè уште постои.
































