Фото: ЛДП

Од утре Либерално-демократската партија (ЛДП) на терен ќе ги презентира своите политики пред граѓаните, пред сè, предлогот за воведување електронски нараквици за сторителите на семејно насилство, укинување на банкарските провизии, намалување на данокот на добивка на 9 отсто, моделот на бизнис-ангели и низа други економски политики. Ова го изјави Моника Зајкова, која денеска на конгресот беше повторно избрана за претседателка на партијата.

– Пред сè, ми претставува чест што ја добив целосната доверба од делегатите. Едногласниот избор за мене претставува уште поголема обврска да продолжиме напред со политиките за кои се залагаме. Во моментов сè уште трае гласањето за генерален секретар, бидејќи во ЛДП генералниот секретар сè уште се избира непосредно, со гласање од страна на сите делегати. Имаме двајца кандидати. Јас само ќе упатам апел дека, кој и да биде избран, очекувам да работиме заедно, мотивирано и во континуитет да го надградуваме сето она што досега го постигнавме – изјави Зајкова по изборот.

Таа нагласи дека ЛДП ќе продолжи да ги презентира своите политики пред граѓаните.

– Оние добро познати политики што сè уште не се усвоени, како електронските нараквици за сторителите на насилство, укинувањето на банкарските провизии, кои се навистина огромен товар за граѓаните, намалувањето на данокот на добивка на 9 отсто, моделот на бизнис-ангели, како и низа други економски политики, од понеделник ќе им бидат презентирани на граѓаните на терен – посочи Зајкова.

Партијата ќе избере и нови потпретседатели, а едно од имињата е Бобан Јанковски. Ќе се избираат и членови на Централниот и на Извршниот одбор на партијата.

– Она што за нас е поважно е партијата да остане препознатлива во јавноста како политички субјект позициониран во центарот, а не како субјект што следи туѓи политички агенди. Имаме амбиција, имаме капацитет, знаеме како да ја движиме Македонија напред. Јас во мојот говор утринава напоменав дека се стремиме кон тоа и дека имаме капацитет да понудиме и кандидат за претседател на Владата – рече Зајкова.

Конгресот на Либерално-демократската партија се одржа под слоганот „Имаме амбиција, имаме капацитет, знаеме како да ја движиме Македонија напред“, пренесува МИА.