Фото: КФМ

КОШАРКА – ПРВА ЛИГА, ЖЕНИ

Во четвртиот меч, тие минимално со 75-73 го совладаа Бадел 1862 за конечни 3-1 во финалната серија

Екипата на Крива Паланка е новиот кошаркарски шампион на Македонија во Првата лига за жени. Тие во четвртиот натпревар од финалето на плејофот, на гостински терен, минимално со 75-73 славеа против Бадел 1862 и со вкупни 3-1 во победи ја затворија финалната серија за натпреварувачката сезона 2025/2026. Со овој триумф, Крива Паланка за првпат во својата историја стана првак на Македонија во женска сениорска конкуренција. Сепак, честитки заслужува и поразената екипа Бадел 1862, која во полуфиналето, пак, го елиминираше сега веќе стариот првак, екипата на Баскет кам. Во победничкиот состав со по 22 коша најефикасни беа Дјани Робинсон и Аби Ниехуес, а кај поразениот доминираше Арин Фриман, која уфрли 28 поени.
Кошаркарката на Крива Паланка, Аби Ниехуес, во финална серија од плејофот беше прогласена за најкорисна (МВП) кошаркарка. Во последниот решавачки натпревар, американското крило мина на теренот речиси 35 минути, во кои дојде до ефект изразен со реализација на 22 поени и 17 скока (7/13 во обидите за два поена и 8/10 од линијата за слободни фрлања). Имаше и 17 скока (седум офанзивни) и три блокади пред да ја направи петтата лична грешка и да дојде до индекс 32, најмногу од сите кошаркарки што беа на теренот во финалниот меч од сезоната. Г.И.