Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, изјави дека војници од Франција и од други земји се наоѓаат во Украина „веќе повеќе од половина година“, пренесоа руските медиуми.
Москва претходно ги предупредила „соодветните држави“ преку воспоставените дипломатски канали, рече Лавров на прес-конференција во Манила, пренесува германската агенција ДПА.
Тој пред новинарите истакна дека ваквото присуство веќе не претставува само помош за Украина, туку „директно вклучување во војната“. Според Лавров, Русија смета дека помошта при изборот на цели и обезбедувањето сателитски податоци претставуваат форми на директно учество во конфликтот.
Француските медиуми RFI и France 2, повикувајќи се на неименувани извори, објавија дека француски војници се присутни во Украина како дел од доверлива мисија наречена „Волија“ (Volia). Според нивните извештаи, нивната задача е да ги обучуваат украинските сили и да обезбедуваат опрема, а не да учествуваат во борбени дејствија.
Париз официјално не го потврдил постоењето на ваквата мисија, пренесува ДПА.
Москва во повеќе наврати ги предупредуваше западните сојузници на Украина да не испраќаат војници во земјата, нагласувајќи дека таквиот персонал ќе го смета за легитимна цел.
Во протечен разговор меѓу германски воени офицери, кој датира од февруари 2024 година, а подоцна беше објавен, се споменуваше присуство на британски персонал на теренот.
Непосредно пред тоа, Велика Британија реагираше со незадоволство на изјавите на тогашниот германски канцелар Олаф Шолц, кои дел од јавноста ги протолкува како навестување дека британски и француски персонал ѝ помагаат на Украина при ракувањето со крстосувачките ракети „Сторм шедоу“ (Storm Shadow) и „Скалп“ (SCALP), испорачани од двете земји.
Британската страна тогаш соопшти дека употребата на ракетите „Сторм шедоу“ од страна на Украина, вклучително и изборот на цели, е во надлежност на украинските вооружени сили, потсетува ДПА.
































