Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, учествуваше на 18. состанок на Управниот одбор на Регионалното училиште за јавна администрација (ReSPA) на министерско ниво, кој денеска се одржа во Белград, пренесе МИА.
На состанокот беа усвоени Буџетот на ReSPA за 2027 и 2028 година, како и Годишниот финансиски план за 2027 година, со што се обезбедува континуитет во работењето на организацијата и реализацијата на програмите и активностите насочени кон унапредување на јавната администрација во земјите од Западен Балкан.
Од Министерството за јавна администрација посочуваат дека ReSPA претставува значаен стратешки партнер во процесот на европска интеграција и спроведувањето на реформите во јавната администрација.
-Нејзината улога е особено важна преку реализацијата на специјализирани обуки, јакнењето на професионалните и раководните капацитети, експертската поддршка, регионалните проекти и размената на искуства и добри практики со земјите од регионот и Европската Унија – се наведува во соопштението на МЈА.
Преку овие активности, ReSPA придонесува европските принципи и стандарди за добро управување да се применат во практиката преку стекнување конкретни знаења и вештини и подобрување на институционалното работење. Ова е особено значајно за унапредување на професионалноста и ефикасноста на администрацијата, модернизација на јавните услуги и создавање поодговорни, потранспарентни и поотворени институции кон граѓаните.
Регионалната соработка во рамките на ReSPA им овозможува на земјите од Западен Балкан заеднички да ги адресираат предизвиците поврзани со реформата на јавната администрација, да разменуваат искуства и да ја користат експертизата на европските партнери. На тој начин, таа претставува важен механизам за приближување кон европските административни стандарди и зајакнување на институционалната подготвеност за членство во Европската Унија.
На состанокот биле презентирани и главните постигнувања и активности на ReSPA во изминатиот период, вклучително и спроведувањето на програмските активности и соработката со партнерските организации.
Од Министерството додаваат дека учеството на министерот Минчев ја потврдува заложбата за активно вклучување во регионалните иницијативи, продлабочување на соработката со ReSPA и искористување на можностите што ги нуди ова партнерство за унапредување на националните реформски приоритети.

































