Фото: ЕПА

Епидемијата на ебола во источниот дел на Демократска Република Конго (ДРК) и натаму е надвор од контрола, шест месеци по нејзиното прогласување, а бројот на заразени и починати продолжува да расте со рекордно темпо, објавија денеска британските медиуми.

Според податоците на владата на ДРК, од прогласувањето на епидемијата на 15 мај, заразени се повеќе од 11.000 лица, а над 5.500 починале.

Епидемијата е предизвикана од редок сој на вирусот ебола, познат како бундибугио, и претставува втора најголема епидемија на оваа болест досега. Според објавените податоци, таа се шири побрзо од која било претходна епидемија.

Официјалните бројки покажуваат дека бројот на заразени и починати расте двојно побрзо отколку во првите шест месеци од епидемијата на ебола во Западна Африка, која траеше од 2014 до 2016 година и се смета за најголема во историјата. Според Светската здравствена организација, во таа епидемија биле заразени повеќе од 28.600 лица, а над 11.000 починале, главно во Гвинеја, Либерија и Сиера Леоне.

И покрај значителната меѓународна помош, недостигот од ресурси, безбедносната нестабилност и слабата координација ги отежнуваат напорите за спречување на ширењето на болеста. Дополнителен проблем претставуваат нападите врз здравствените работници во локалните заедници, каде што постои недоверба кон странците.