Иранската револуционерна гарда соопшти дека рано утрово со дронови нападнала американска радарска инсталација во базата Шеик Иса во Бахреин. Централната команда на САД го отфрли тврдењето дека радарот бил погоден и соопшти дека неколку ирански дронови биле пресретнати. Според американската војска, нема повредени ниту оштетена опрема.
Револуционерната гарда наведе дека нападот бил одговор на, како што тврди, неодамнешните нарушувања на иранскиот воздушен простор од страна на американската војска.
Вооружените сили на Бахреин соопштија дека противвоздушната одбрана одбила серија ирански напади и го уништила оружјето пред да стигне до целите. Министерството за внатрешни работи претходно издаде предупредување до јавноста, кое набргу беше укинато. Слични предупредувања беа издадени и во изминатите денови, откако Иран ги обнови нападите врз островската држава по пауза од околу два месеца.
Во меѓувреме, иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи отпатува во Мускат на разговори со неговиот омански колега Бадр ал-Бусаиди, кој претходно посредуваше меѓу Иран и САД. Во дипломатските напори за ставање крај на војната се вклучени и Катар и Пакистан.
Ормуската Теснина, клучна за глобалната трговија со нафта и гас, е едно од главните жаришта на конфликтот откако Израел и САД ја почнаа војната против Иран кон крајот на февруари. Британската служба за поморски трговски операции (UKMTO) денеска пријави дека синоќа бил нападнат брод северно од Оман. Според извештајот, на бродот избувнал пожар, а екипажот се води како исчезнат.
































