Фото: МОН

Наместо да се фокусираме на квалитетот на образованието, од одредени студентски организации постојано и единствено добивам барања за социјални услуги и тоа ме загрижува. Во Собранието сè уште стојат законите за високо образование, за научноистражувачка дејност и за квалитет во високото образование – изјави министерката Весна Јаневска.

По повод Меѓународниот ден на студентите, 17 ноември, Јаневска го посети студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ и најави дека тој наскоро ќе биде отворен за сместување. Таа нагласи дека, иако Владата се грижи за студентскиот стандард и ги зголемува вложувањата, се губи време на прашања што можат да се решат.

– Наместо да се фокусираме на подобрување на квалитетот на образованието и на тоа да се поместиме од последното место на ПИСА, макар десетина места погоре, ние губиме време на она што е решливо. Студентите секако ќе го добијат тоа што им следува во процесот на нашата комуникација со репрезентативните студентски собранија на универзитетите. Во споредба со 2022 година, оваа влада двојно ги зголеми вложувањата. Не вложивме само во студентските домови и во пристојни услови за живеење, туку презедовме и многу други активности. На пример, годинава првпат ќе има стипендии за студентите со посебни образовни потреби и за студентите со ретки болести. Воведовме ваучерски систем, го проширивме опфатот на студентскиот оброк и во постојана комуникација со студентите одговараме на нивните потреби – истакна Јаневска.

Одговарајќи на новинарски прашања по увидот во завршните работи од темелната реконструкција на студентскиот дом „Кузман“, Јаневска соопшти дека од новата академска година ќе почне да се применува новиот ваучерски модел за субвенциониран студентски оброк.

– Дефинитивно, со новата академска година ќе имаме ново софтверско решение. Тоа ќе опфати одредени организации што ќе им нудат услуги на студентите по поволни цени, со попуст од 20 отсто не само за студентскиот оброк, туку и за она што ќе сакаат да го купат со сопствени средства во ресторан, пекарница или во друг објект што ќе ги нуди тие услуги. Се работи на решението. Секако, тоа не може да се направи за 24 часа, бидејќи станува збор за софтверско решение што треба да опфати околу 30.000 студенти месечно. Од 1 октомври ќе го имаме тоа решение, кое е слично на оние што ги има во други поразвиени земји – рече Јаневска.

Сè уште се чека официјалниот одговор од студентите, а Јаневска посочи дека Министерството за образование и наука (МОН) е во постојана комуникација со нив.

– Веќе следната недела повторно ќе ги повикаме на состанок за да видиме што конечно решиле. Начелно го прифатија моделот, им се допаѓа, но сега треба и официјално да го заокружиме тоа – додаде Јаневска.

Министерката соопшти дека државата годишно одвојува меѓу 16 и 17 милиони евра за субвенциониран студентски оброк, чиј дневен износ е 140 денари по студент.

– За да можат граѓаните да разберат, износот што Министерството го одвојува за студентскиот оброк за една година е приближно колку што чинат еден и пол до два студентски дома, еден олкав и еден малку помал – изјави Јаневска по посетата на студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“.

Во врска со пакетот закони што сè уште се во Собранието, Јаневска нагласи дека тие се исклучително важни „не само за високото образование, туку и за пазарот на трудот, за општеството, за развојот на нашите млади и за нивната иднина во оваа земја“.

– Оптимист сум и комуницирам со пратеничките групи и со пратениците. Многу е важно законите да се донесат што е можно побргу за да можеме што поскоро да ги почнеме реформите – порача Јаневска.

Таа додаде дека законите биле доставени до Собранието по широка и инклузивна расправа и дека очекува да бидат донесени, пренесува МИА.