Фото: Маја Јаневска - Илиева

Фокусирајте се на она што можете да го контролирате, наместо глобалните случувања да ве парализираат“, порача Мајк Зафировски на политичарите и бизнис-заедницата на самитот на Македонија 2025 во Скопје, кој годинава се одржува под мотото „По 2025: Забрзување на растот. Поттикнување лидерство“.

Зафировски оцени дека силна, независна и демократска Македонија би била придобивка не само за граѓаните, туку и за регионот, Европа и светот.

Тој посочи дека Европа значително заостанува во делот на иновациите, што, според него, претставува можност за Македонија да привлече инвестиции, особено во сферата на вештачката интелигенција и новите технологии.

 – Доколку Македонија постапи мудро, може да привлече вистински инвеститори и инвестиции, но и да комуницира со граѓаните на начин што ќе ги намали стравувањата од последиците на вештачката интелигенција – истакна Зафировски.

Како еден од клучните предизвици ја посочи невработеноста кај младите, нагласувајќи дека земјата треба подобро да ги искористи можностите за економски и технолошки развој.

Тој порача дека не треба глобалните проблеми да се користат како оправдување за стагнација, туку како поттик за реформи и подобрувања што директно ќе им помогнат на граѓаните.

Осврнувајќи се на ветувањата дадени на самитот во Чикаго пред две години, Зафировски истакна дека борбата против корупцијата останува еден од главните приоритети.

 – Корупцијата е зло што постои во многу земји, а и ние не сме исклучок. Има напредок, но праведна држава во која граѓаните имаат доверба останува предизвик број еден – рече тој, додавајќи дека дигитализацијата може значително да помогне во овој процес.

Зафировски оцени дека економскиот раст од 3,5 проценти минатата година е позитивен сигнал, но потенцираше дека земјата треба да цели кон уште повисок раст преку посилни бизниси, паметна регулатива и поголема извозна ориентација.

Тој повтори и дека е потребна ефикасна и транспарентна Влада, како и силна посветеност на евроинтеграциите, најавувајќи дополнителни лобистички напори за членство на земјата во Европската унија.