Во услови на глобални кризи, енергетиката повеќе не е само економско прашање, туку прашање на безбедност, стабилност и стратешка отпорност на државите, порача министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска на 29. Евроазиски економски самит во Истанбул.
Божиновска се обрати на панелот „Energy and Economy in the Post-War World alongside War, Terror, Conflict and Forced Migration“, каде нагласи дека регионалната и меѓународната соработка е клучна за справување со современите енергетски и геополитички предизвици.
– Изолацијата не е стратегија. Соработката е – истакна министерката, посочувајќи дека државата активно работи на диверзификација на енергетските извори, регионално поврзување, инвестиции во обновливи извори на енергија и модернизација на енергетската инфраструктура.
Посебен акцент во нејзиното обраќање беше ставен на енергетската поврзаност на Балканот, која, според неа, денес претставува геополитичка неопходност, а не само инфраструктурно прашање.
Божиновска нагласи и дека зелената транзиција мора да биде реална, праведна и социјално одговорна, без да создава енергетска сиромаштија и нови економски нееднаквости, особено во земјите во развој и транзиција.
– Зелената транзиција не може да успее ако создава енергетска сиромаштија и ги продлабочува нееднаквостите. Потребна е транзиција што ќе биде истовремено и одржлива и праведна – рече Божиновска.
Таа потенцираше дека малите држави не смеат да останат пасивни набљудувачи на глобалните промени, туку треба активно да учествуваат во обликувањето на идните политики преку регионална соработка, стабилни партнерства и забрзана интеграција.
На панелот учествуваа и актуелни и поранешни министри, европски политички лидери, дипломати и претставници на меѓународни институции од Европа, Азија и Блискиот Исток.
Годинешниот Евроазиски економски самит се одржа под мотото „Global Responsibility – The Post-War World with War, Terrorism, Conflict, and Involuntary Migration“, а во фокусот беа глобалната енергетска безбедност, климатските предизвици, геополитичките односи и економските последици од конфликтите и миграциите.
































